Од 14-ти до 19-ти јули, во Мајами се одржа 12-тото по ред издание на модната недела посветена на трендовите кај костимите за капење.
Во овие неколку дена, сѐ беше подредено на летото, егзотиката, сексапилот и боите.
Со оглед на тоа дека во летните месеци никогаш не ни е доста од разгледување на костими за капење, во продолжение ќе ви презентираме 10 актуелни трендови од Мајами, како и галерија од најпечатливите костими.
Погледнете што ќе биде актуелно следното лето, а доколку сѐ уште не сте купиле костим за капење, ова може да ви послужи и како инспирација за тоа што би можеле да побарате низ нашите продавници.
Костими за капење за невести
-Цела ревија беше посветена на невестите што медениот месец ќе го имаат на некое егзотично место. Од поедноставни едноделни, преку провокативни бикини, до невообичаени костими за капење, дизајнерите се потрудија да ги опфатат сите стилови и вкусови.
Беж
Беж нијансите, односно костимите за капење во пудрени нијанси е нешто што ќе биде водечки тренд. Една од главните причини за тоа е што можете таков што ќе прилега на вашиот тен и да не се грижите дека бојата на кожа ќе отскокнува премногу од костимот што го носите, особено во првите денови на одмор.
Транспарентни делови
Ако сте од оние што сакаат да внесат дополнителна доза сексапил во летниот изглед на плажа, тогаш веројатно ќе ви се допаднат овие костими за капење, што содржат транспарентни делови. Она што се препорачува е ваквите модели да ги носите откако ќе „фатите“ боја, бидејќи овие неправилни форми, можат да бидат незгодни за пресликување на вашето тело.
Едно рамо
Љубителите на асиметријата сигурно се радуваат на ваквата вест. Да, костимите за капење со едно рамо ќе доминираат следната летна сезона, барем ако судиме по тоа што понудија дизајнерите во Мајами.
Ленти
Костими за капење со ленти, особено кај долниот дел од костимите е тренд што е актуелен веќе две сезони, но така ќе биде и следната. Жените ги сакаат бидејќи даваат доза на сексапил, без разлика за каков тип на тело се работи.
Од 1980-тите
Ако сте ја гледале серијата „Чувари на плажата“, тогаш јасно ви е на што мислиме. Едноделните костими за капење, високо сечени во пределот кај препоните, се нешто што ќе биде „must-have“ за следната сезона. Многумина не се осмелуваат да го носат, бидејќи го сметаат за премногу смел, особено ако се има предвид дека негата на тој дел од телото мора да биде беспрекорна.
Врзување околу половина
Бикините, особено горниот дел што продолжува да се обвиткува околу половината е нешто што речиси секоја девојка ќе сака да го има. Но, како и со транспарентните костими, и овие не се препорачуваат за првите денови од одморот.
Странично врзување
Овој пат не мислиме само на долниот дел од костимот, туку на целиот. Едноделните костими што странично имаат врвки, ленти или било каков тип на врзување се едни од најдоминантните трендови претставени на оваа модна недела. Идеален е за оние што можеби немаат големи гради, или имаат некој килограм повеќе, бидејќи ќе можете да се чувствувате секси со потенцирање на сосема друг дел од телото.
Отворен топ
Оние што ќе носат костим за капење составен од топ и гаќички, треба да знаат дека особено популарен ќе биде топот со отвор. Не мора секогаш сѐ да биде совршено рамно и прецизно.
Реси
Ресите повторно ќе доминираат, но на поинаков начин за разлика од минатата сезона да речеме. Овој пат ќе ги сакаме групирани во снопчиња, па оние што се наклонети кон хипи естетиката, едноставно ќе ги обожаваат.
Во продолжение погледнете ја галеријата и со останатите предлози за костим за капење и облека за плажа: