Во медиумите во регионот вчера одекна веста за смртта на пејачката Љупка Димитровска. Сите се потсетија на  вечното девојче, нејзините големи хитови, на нејзиниот милозвучен глас...

Љупка Димитровска после кратка и тешка болест почина вчера во 71-вата година од животот. Инаку, родена е во Скопје на 25-ти јули 1946 година. Студиите ја носат накај Загреб, каде и ќе го помине речиси целиот свој живот.

Од 1968 стапува во брак со хрватскиот композитор Никица Калоѓера, по што започнува и нејзината успешна кариера, како пејачка на забавна музика и шлагери.

Првиот албум го објавува во 1975 година и се вика „Љупка“. Зад неа остава кариера подолга од 40 години и бројни хитови, кои за неа ги пишува токму Никица.

Она по што Димитровска ќе остане запаметена е и успешната интернационална кариера. Нејзините песни ги има на десетици јазици, а особено голема ѕвезда е во Русија и Источна Германија, но и во Чешка, Грција, Франција. За неа знаат и во Јапонија.

Во едно интервју, Калоѓера ќе изјави:

-Кога Љупка се појави на источно-германската естрада, на фестивалите , во тв-емисиите и концертите, паднаа некои нивни сериозни „правила“ на естрадата. Додека нивните пејачки го образуваа својот глас, што е добро за оперети, мјузикли, па и шансони, но не и за хитови, па се држаа и до старите американски правила дека мора како „ѕвездите“ да бидат недостапни, Љупка тргна по друг пат – пат на „антиѕвезда“, како што ние знаеме да кажеме. Со својот природен глас го приближи репертоарот до широката публика. На секоја девојка ѝ изгледаше дека може да ги пее песните, без некои високи музички училишта (познат феномен на „идентификација“ во естрадната психологија). Резултатот беше дека сите „клинки“ во Источна Германија го пееја комплетниот репертоар на Љупка – вели тој, а пренесува „Југопапир“.

Оттогаш, со своите 20-тина години, нежна и со своите неисцрпни можности на комуницирање, таа станува миленичка на германската публика. Нивниот музиколог Герд Халбах во една пригода ќе напише:

„Љупка го оствари германскиот сон на секое семејство. Секој би сакал да има таква ќерка“.

Љупка стана она што влегува во срцето на германската публика – „Девојка од соседството“. Всушност, стана ѕвезда на специфичен начин.

Голем дел од интернационалните хитови ги оствари во дуетите со Ивица Шерфези, за која во една пригода ќе рече:

„Бевме многу слични и гласовно и карактерно.“

Со децении наназад, Љупка сѐ повеќе ги избегнува медиумите, бидејќи ќе каже дека за неа тоа е премногу стресно. Се повлекува, сакајќи засекогаш да го задржи имиџот на „слатка, фина девојка“.

Освен по тоа, Љупка е позната и по својата фризура и убавина. Русата коса и густите шишки останаа нејзина препознатливост во текот на целиот живот.

Откако замина во Хрватска, Љупка само неколку пати ја посети Македонија, сметаше дека родната земја ја заборавила...  „Ѕвона ѕвонат“ е песната по која најмногу ќе ја памети публиката тука, а која ја отпеа на „Макфест“ во 1990 година.

Инаку, Љупка беше дел и од „Југовизија“ и тоа во 1970-та година, со песната „ Bay Bay“, со која освои шесто место.

„Та твоја барка мала“, „Ја га хоќу, од мене неќе“, „Године нису важне“, „Нема више љубави“ се само дел од хитовите во кои Љупка ќе живее засекогаш.

Објавено:
5 октомври 2016
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
4.130 пати