Тој е многу повеќе од боја, ткаенина и материјал. Црниот фустан прерасна во култ во кој се сплотени шармот, филмот, модата, заведувањето и убавината.
Во текот на својата еволуција, седмата уметност почна полека да се спојува со модата, создавајќи своевиден тренд кој го диктира стилот, изгледот и гардеробата на градските девојки и жени кои припаѓале на високите кругови во општеството. Главен протагонист и посебно место во филмот несомнено има „краткиот црн фустан“. Со појавувањето на ТВ екраните во 30-тите години, стана најкористен „реквизит“ на сите времиња, особено заради бојата која е основна и совршено се вклопува со потребите на камерата за разлика од другите бои кои се силни, а технологијата во тоа време ги немала денешните перформанси, па можеме да констатираме дека и оваа адекватност на црниот фустан со филмското платно е една од причините за неговата честа афирмација и популарност.
За време на Втората Светска војна кога филмскиот жанр „noir“ почна да зема замав и свое место во ѕвездениот Холивуд, амбиентот беше во знакот на мрачните облеки, кои мораа да одговорат на идеите и потребите кои припаѓале на овој жанр и ера. За време на Втората Светска војна сите филмови кои беа произведени како главни мотиви ја имаа нормално војната, каде црниот фустан повторно е во фокусот но овој пат, изработен од волна. Ќе го видиме на телото на Џоан Крафорд во филмот „Possessed“ од 1947 година и Бет Дејвис во „Watch on the Rhine“ од 1943 година. Со воведување на волната како суштински елемент режисерите сакаа да направат разлика во поглед на другите трендови од тоа време, сакаа нешто „старо“ да облечат во ново руво.
Актерките од овој жанр на филмови често беа именувани со епитетот femme fatale и обожаваа да носат црни фустани кои се изработени од сатен. Важноста на сатенот се должела на две причини: прво, поради неговиот природен сјај кој го прави фустанот да зрачи со шармантност, а и поради тоа што црниот сатенски фустан е совршено видлив и во филмовите во црно-бела варијанта. А втората причина што сатенот е ткаенина од која се изработуваат вечерни фустани, кои најчесто се носат во некоја одредена специјална прилика, како што е случајот со Рита Хејворт во филмот „Gilda“ од 1946 година. Пред појавата во овој филм актерката имаше чиста и непорочна визија на платното, а во „Gilda“, таа игра улога која е мошне мрачна, темна, злобна, и во комбинација со фустанот успева да ја долови улогата на вистински и реален начин. Познатиот моден дизајнер Жан Луис за неа креираше црн, вечерен, сатенски фустан, со рамно деколте. Инспирацијата на Луис е од славното уметничко дело насликано од Џон Серџент, а станува збор за портретот на „Madame X“.
Во филмот „The Killers“ од 1946 година, Ава Гарднер за прв пат се појавува седната на пијано, во црн сатенски фустан на кој горниот дел му е корсетиран. Во неколку сцени од овој филм совршено добро може да се препознае работата на дизајнерката Вера Вест.
Меѓутоа и покрај горе наведените дизајнери, сепак во овој историски период не постоел ниту еден моден дизајнер кој ја имал таа среќа и чест да го доживее успехот на легендарната Едит Хед, која има добиено неверојатни осум Оскари, а има работени цели шеесет години за филмското студио „Paramount Pictures“.
Фустанот како „објект“, движечка сила и инспиративен стимул се појавува и во филмовите со научно-фантастична содржина. Како пример ја имаме актерката Дорис Деј во филмот од 1958 година насловен „Teacher’s Pet“, каде дизајнерската генијалност и мајсторија создадоа фустани во кои можеше да се види женственоста и имагинативноста која ја има женската силуета на филмското платно, но и надвор од него. Сексуалната заводливост не беше примарната цел на црниот фустан, но не беше ниту нешто кое можеше да се игнорира или прикрие. Елизабет Тејлор во филмот од 1960 година „Butterfield 8“, промовираше стил на „femme fatale“, визија која беше мошне слична со онаа од 40-тите години, додека мрзоволно се потпираше на пијано, облечена во фантастичен црн фустан со длабоко деколте кој ја истакнуваше нејзината линија на телото и атрибутите. Таков е и случајот со Ширли Меклејн, во филмот од 1969 година насловен „Sweet Charity“.
Сепак ореолот за најпопуларен црн фустан на сите времиња во рамките на кинематографијата му припаѓа на само еден единствен фустан. Се започна во Холивуд со запознавањето на Одри Хепберн и Хјуберт де Живанши кои соработуваа заедно за време на снимањето на филмот „Sabrina“. Ако постоеше номинација за Оскар за најдобра сцена, тука сигурно ќе победеше почетната сцена на филмот „Breakfast at Tiffany’s“ од 1961, каде главна улога на снимањето го има ликот на Холи Голитли или фамозната, фантастична модна и филмска икона на сите времиња Одри Хепберн.
Овој лик краткиот црн вечерен фустан на Хјуберт Живанши , го трансформираше во дневен фустан. Само горната половина на фустанот беше дизајнирана од Живанши лично, а другата половина од модната стилистка Едит Хед. Оригиналната верзија на фустанот, креиран од Живанши воопшто не била искористена, ниту за потребите на филмот, ниту пак во изработка на фотографии за истиот. Од тој историско моден момент па се до денес краткиот црн фустан на филмското платно се појавува периодично. Во филмот „Indecent Proporsal“ од 1993 година каде актерката Деми Мур носеше црн фустан дизајниран од Тиери Маглер, украсен со декоративни ленти околу вратот и рамениците. Други исклучителни примери на појавување на краткиот црн фустан во историјата на кинематографската уметност се и филмовите „Boccaccio ’70“, од 1962 година, „True Lies“ од 1994 и „Nikita“ од 1990 година.