Кој вели дека Лондон е сив и здодевен?

26 април 2018

Шеван Фергусон е името на дамата која ќе ви ги сруши сите предрасуди за Лондон. Доколку досега сте мислеле дека градот е сив, врнежлив и здодевен, доволно е само да го погледнете Инстаграм профилот што го води @prettycitylondon и веднаш ќе посакате да отпатувате во престолнината на Англија.

Шеван Фергусон

Шеван потекнува од западна Ирска, а од 1999 година започнала сè почесто да доаѓа во Лондон. За овој град ќе ја врзе и работата. Долги години работела во банка, а откако се пензионирала, почнала сè повеќе да посветува внимание на својата нова љубов - фотографијата.

„Љубовта кон фотографијата ми се разбуди во 2010 година, кога и за првпат отворив Инстаграм профил. Сега постојатно се занимавам со тоа, дури и сум консултант за социјални медиуми. Исто така сум сопруга и мајка на три деца“, вели Фергусон во едно интервју.

Покрај совршената страна за Лондон, Шеван има уште еден Инстаграм профил кој го води - @theprettycites, на кои ја следат преку 500.000 следбеници. Исто така, инспирирана од убавините на градот, ќе одлучи фотографиите и искуствата да ги обедини во книга насловена како: PrettycityLondon: Discovering London's Beautiful Places.

Додека работела како банкар, немала многу време да го прошета градот, па и самата сметала дека е здодевен. Но, како почнала да го открива, така сè повеќе се вљубувала во Лондон. 

Едно од омилените делови од градот ѝ е Нотинг Хил. 

„Посебно е убав во пролет-лето, кога ќе расцветаат цвеќињата. Инаку, ако подобро ги погледнете профилите што ги водам, ќе забележите доминација на цвеќиња. Тие се мојата тема и инспирација. Тоа го советувам и на сите што допрва започнуваат да се занимаваат со фотографија и социјалните мрежи, пронајдете тема и нека фотографиите имаат слична атмосфера. Направете луѓето да се поврзат со она што сакате да го прикажете, а со тоа останете доследни и препознатливи“, советува Шеван.

Во продолжение погледнете дел од фотографиите што можат да се најдат на инстаграм профилите. Ви се оди во Лондон, нели?

 

Објавено:
26 април 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
616 пати