Не е тајна дека британската кралица Елизабета Втора ја сака традицијата. Ако го свртиме разговорот во насока на астрологија, тоа е типично за еден Бик (родена е на 21. април). Со години носи ист крој на капути и фустани, ги менува само боите, исти мокасини, чадори во склад со капутите...
Уште една од работите што не ги менува чантата. Со години наназад ги носи чантите на британскиот бренд „Launer“. Првата ја добила во текот на 50-тите години од својата мајка. Елизабета била воодушевена од дизајнот и практичноста, па оттогаш воопшто не ни помислила да носи некоја друга чанта. Нејзината колекција се состои од преку 200 примероци, а во неа носи огледалце, кармин, минт бонбони, очила за читање и пенкало.
Но, со текот на времето, овој моден додаток станал предмет за разменување тајни пораки и тоа на протоколарни дружења и забави. Уште пред неколку години за тоа јавно проговори и историчарот Хуго Викерс, а еве и што откри:
Кога кралицата ја префрлува чантата од една во друга рака, тоа значи дека не сака веќе со никого да разговара.
„Би било загрижувачко доколку разговарате со кралицата, а забележите дека ја префрлува торбата во другата рака“, вели Викерс.
На овој начин таа му сигнализира на својот тим да ѝ помогне, бидејќи не сака веќе да разговара со одредената личност. Тие го прават тоа мошне суптилно, на пример така што, во тој момент кралицата ќе ја претстават некој друг соговорник.
Ако сака да си оди од некоја свечена вечера на пример, кралицата ја става чантата на стол. Тоа значи дека за пет минути откога ќе ја стави на столот, треба да ја напушти салата.
Доколку во текот на вечерта ја стави чантата на под, тоа значи дека не ужива во разговорот и сака да биде „спасена“.
Торбата оставена на стол, додека таа разговара, значи дека ужива во разговорот и ќе одвои уште пет минути за соговорникот.
Сепак, најдраматичниот знак кралицата го дава со прстенот. Ако додека разговара со некоја личност, почне да го врти околу прстот, тоа значи дека ѝ е досадно и нејзиниот тим мора да реагира веднаш.
Интересно е и тоа дека продажбата на овој моден додаток во последните неколку години пораснала за дури 400 проценти, а најмногу ја купуваат од Кина и Јапонија.
„Кралицата не се чувствува комплетно дотерана ако ја нема својата чанта. Но, доколку не ѝ се допаѓа тоа што сме го направиле, нема воопшто да го носи. Таа дефинитивно знае што сака“, велат од брендот.