Промовиран спотот за евровизиската „Дома“ – Марија Спасовска изгледа бајковито во сценските костими на Елена Лука

19 октомври 2018

Песната ,,Дома,, во изведба на Марија Спасовска со која Македонија ќе се претстави на Детската Евровизија во Минск, Белорусија на 25 Ноември 2018 е веќе објавена на официјалниот канал на Junior Eurovision Song Contest.

 Музиката и аранжманот на песната се дело на Дарко Димитров, а текстот го напишаа Елена Ристеска и Дарко Димитров. Песната ,,Дома,, има топла и хумана порака за сите: Секое дете да го најде својот топол дом, да се згрижат децата од целиот свет кои немаат Дома, за сите да имаат Дома! Сите му се радуваат на снегот, никој не сака да врне дожд, за да не го стопи снегот. Но, вистинската радост и неопходноста за секој е топол дом. Токму таа порака најемотивно во вид на Молитва ја пренесува Марија пред европската публика за Јуниорската евровизија 2018 година.

Следејќи ја нарацијата на топлата порака што ја испраќа „Дома", нашиот етаблиран моден бренд Елена Лука ја креираше комплетната костимографија за спотот во кој Марија носи два костими, со што се заокружува и ѝ се дава силен визуелен печат на целата емотивна слика. Едниот костим е инспириран од приказната „Девојчето со кибритчињата", додека вториот е олицетворение на нежна, бела снегулка која е всушност метафора за безгрижно и среќно детство.

 

„Сцената секогаш бара беспрекорен визуелен ефект, за да се заокружи комплетната приказна. Токму затоа посветуваме исклучително внимание на секој детаљ од сценската костимографија, независно дали се работи за видео запис или изведба на сцена. Овој пат за нашата драга Марија, која годинава ќе нè претставува на детската Евровизија во Минск, дизајниравме комплетна костимографија за спотот за песната „Дома" која има една исклучително топла приказна и за која е од суштинско значење да допре до сите деца. Затоа, костимографијата е еден од клучните сегменти за вистински да се доживее приказната. Покрај костимите за спотот, Елена Лука ќе ја стилизира Марија и на сцената во Минск на 25 ноември. И посакуваме голем успех и воопшто не се сомневаме дека Марија ќе ја претстави нашата земја во најдобро светло ", вели Елена Пандева, сопственичка и генерален менаџер на модниот бренд Елена Лука што до сега во повеќе наврати ставила свој потпис на костимографијата на нашите претставници на Изборот на песна за Евровизија, вклучувајќи ја и детската Евровизија.

 

Видео записот за песната се снимаше во Македонската опера и балет под режисерската палка на Чедо Поповски со целосна поддршка на Компанијата Мулти Шпед од Скопје.

Марија секојдневно се подготвува вокално со професорката Ана Костадиновска, а за сценскиот настап во Минск, за комплетната кореографија и режија за најдоброто претставување на оваа приказна работи со младата и успешна режисерка Љупка Јакимовска со која Марија соработуваше и за претходните меѓународни настапи во Витебск на Славјански Базар, во Москва и други. За Јуниорската евровизија секоја земја учесничка може да го поддржи и својот кандидат, односно да гласа за својата земја! Значи Македонија може да гласа за Македонија! Online гласањето ќе биде објавено за време на генералната проба во Минск 24.Ноември 2018, а ние ќе го споделуваме преку медиумите за да ја дадеме поддршката за Марија Спасовска, за песната Дома и за Македонија.

За прв пат на Детската евровизија 2018 ќе учествуваат најголем број учесници. Вкупно 20 земји од Европа, вклучително и Австралија ќе имаат можност да се борат за највисок пласман. Марија знае дека ќе се натпреварува во најсилна конкуренција, но за неа е најважно да им се допадне песната на сите, да остави сценски впечаток, да ја претстави својата земја во најдобро светло. Настапот на 25 Ноември во Минск е во живо. Ќе се емитува на МРТ од 17.00 часот, а за Марија е огромен предизвик и со нетрпение чека да застане пред 15000 публика во големата арена во Минск, Белорусија.

„Многу сум среќна и на моја огромна чест и задоволство, ќе ја претставувам нашата земја на детската Евровизија во Минск. Подготовките се веќе во тек, работиме со проверен тим и сигурна сум дека ќе ја претставам Македонија во најдобро светло", вели талентираната Марија. 

Објавено:
19 октомври 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
785 пати