„Last Expedition“ онлајн ќе снимаат нов спот за „Шефе“ – и ти може да учествуваш!

11 мај 2020

Култниот македонски бенд „Last Expedition" деновиве се екипира за реализација на нов, онлајн видео запис за нивната химна „Шефе"!

Периодот на самоизолација инспирираше многу уметници низ целиот свет, да покажат солидарност и емпатија преку својата уметност, па членовите на „Last Expedition" одлучија тоа да го направат со ново онлајн видео за песната која обележува еден период од македонската алтернативна музичка историја.

Интересно е тоа што бендот ги покани своите фанови да учествуваат во нивната нова музичка авантура, за што треба да се пријават на линкот до фб евентот, а понатаму ќе им бидат објаснети сите инструкции.

„Членовите на „Last Expedition", по примерот на големите светски бендови те канат на интересна мисија. Во среда на 13-ти мај ќе се снима нов спот за култната нумера "Шефе", и тоа онлајн преку каналот Zoom! Сѐ што треба да направиш е само да се пријавиш на фб евентот дека сакаш да си дел од оваа музичка авантура, а за следните чекори ќе добиеш информација веднаш по твоето пријавување!
Фб евент: https://www.facebook.com/events/574354816550422/ Биди и ти дел од историјата! Биди Последната експедиција!", се вели во поканата што бендот ја упати до сите заинтересирани.

Инаку во февруари минатата година, „Last Expedition" ги почестија своите фанови со нова песна „Hey Ho", проследена со спот, што одлично помина и кај поширокиот аудиториум.

Објавено:
11 мај 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
184 пати