Шенон Доерти за ракот: Не сум подготвена да се одјавам, во мене има уште живот

1 октомври 2020

Во 2015 година за првпат ѝ беше соопштена дијагноза: Рак на дојка. После нешто повеќе од две години борба, излезе како победник. Минатата година имаше нова дијагноза: Метастазиран рак на дојка (IV степен).

Во октомврискиот број на „Ел“, светски месец за борба против ракот на дојката,  актерката Шенон Доерти (49) раскажува за тоа колку севкупното искуство ѝ го сменило погледот на светот, на самата себе, како и дека се’ уште не е подотвена да се откаже.

Новите неубави вести одлучила да им ги соопшти на луѓето на кои најмногу им верува, организирајќи вечера на еден од нејзините имоти. Меѓу присутните бил и нејзиниот доктор, онкологот Лоренс Пиро.

На вечерата тој им објаснил на нејзините сакани луѓе дека ракот повторно се вратил и овој пат метастазирал.

„Информациите што им ги презентираше на сите всушност беа факт“, вели актерката.

Таа додава дека го повикала докторот, за да можат нејзините пријатели да ги добијат одговорите на сите прашања што ќе ги имаат. Дали ќе почине? – Веројатно. Дали ќе биде тоа наскоро? –Веројатно не. Зошто ова повторно се случува? –Невозможно е да се знае. Дали може да се лекува? Да, до одреден степен.

„Сите мораа да постават прашања и да знаат кон што целиме, како група, како тим“, објаснува Доерти.

Во најголем број од случаите, првичниот третман на оваа болест е ефективен и го лекува пациентот. Но, во некои случаи, ракот на дојката се враќа, или на другата града, или на лимфен јазол или на некои други делови од телото. Во случајот на Доерти, и покрај операцијата, хемотерапијата и радијацијата, после првата дијагноза, очигледно некои од канцерогените келии преживеале и го нашле својот пат повторно. Во најлош случај, болеста би можела да се шири понатаму на мозокот, белите дробови, црниот дроб на Доерти или некоја друга комбинација, било објаснувањето на докторот.

„Сепак, има причини и за надеж. Третманите за метастазиран рак на дојка, дијагноза со кој порано жените веднаш се сметаа за отпишани, последните години многу напреднаа, па пациентите живеат далеку повеќе и имаат подобар квалитет на живот. Некои успеваат да живеат декада дури и повеќе од првичните прогнози“, им посочил онкологот, додавајќи дека третманот на Доерти ќе вклучува блокирање на естрогенот кој го храни нејзиниот рак, апчиња кои имаат за цел да го стабилизираат метастазирањето, а постојат и други комбинации на лекови кои можат да се пробаат. Сепак, она што е сигурно е дека Шенон до крајот на својот живот ќе мора да биде под терапии.

И додека доктор Пиро ова го објаснувал, неговата пациентка седела мирно на масата и слушала.

„Мислам дека луѓето имаат развиено слика во нивните глави за болните од оваа болест. Ги замислуваат како седат во сива болница, гледајќи низ прозорецот од својата смртна постела. Но, кога ќе ја погледам Шенон, не гледам пациент болен од рак. Ја гледам истата жена во која се вљубив. Таа изгледа здраво и витално“, вели нејзиниот сопруг, фотографот Курт Исвариенко, со кого се запознале на една фотосесија.

Токму со негов потпис се и фотографиите за овој текст во „Ел“, кој предизвика големо внимание.

Актерката во ниеден момент не се труди ниту да ја потцени ниту сериозноста на болеста, ниту пак можностите за живот.

„Кога сте пациент со канцер во ремисија, знаете дека тоа никогаш не завршува. Од лекувањето има трајни последици – губење на дојките, губиток што ништо не може да го замени и покрај помошта од пластичната хирургија. Теророт од дијагнозата е нешто што тешко можете да го заборавите, посебно бидејќи откако третманот ќе заврши, секогаш постои шанса болеста повторно да се јави.“, вели актерката.

Чувствувајќи невообичаено силни болки, таа се подвргнала на преглед и ги дознала вестите. Нејзиниот сопруг бил во Англија на снимање, па во моментот кога ѝ ги соопштуваат резултатите од скенирањето, таа е сама. Не крие дека имала чувство како веста да ја исполнила целата просторија и дека почнала да плаче. Размислувала за работите кои нема да може да ги направи, но најмногу од се’ размислувала за траекторијата на својот живот.

„Се прашував, имам ли јас добра карма? Или лоша карма? Зошто би имала лоша карма? Почнав да копам по мојот живот и работите што сум ги правела, и оние што не сум. Како сум се однесувала со луѓето“, открива Шенон.

Во 1990-тите, во најголемата популарност со серијата „Беверли Хилс“, Доерти имаше репутација на „лоша девојка“, бунтовник и предизвикувач на проблеми. Иако посочува дека за таа репутација во добра мера се виновни медиумите, сепак вели дека не било се’ сосема лага:

„Со 19 години, дипломатијата не беше нешто што го разбирав. На сетовите, режисерите и продуцентите ми велеа да бидам тивка и само да си ја работам работата. Всушност, ме третираа како куче и морав да ги следам нивните наредби. Да ѝ кажете такви работи на 19 годишна интелигентна девојка, која е воспитана на тој начин, невозможно е. Бев импулсивна и тоа се одрази многу лошо на мене. Луѓето мислеа бидејќи излегував често и бев девојка што оди по забави, дека сум плитка и дека правам нешто друго освен тоа. Но, во меѓувреме јас се справував со многу работи. Татко ми имаше неколку срцеви и мозочни удари. Дијабетичар беше и на крај му откажаа и бубрезите. Тој беше мојот ослонец, мојот најдобар пријател, мојот ментор. Колку повеќе тој страдаше на негов начин, толку јас повеќе го идеализирав“, раскажува Доерти.

Богатството од „Беверли Хилс“ конечно добило смисла и таа успеала да го плати лекувањето на татко ѝ, а во болница го посетувала толку често што вели не може ни да изброи.

Тоа што ѝ се придружила на „холивудската клубска сцена“ за неа значело бегство, а не бунтовност.

„Бегав од моите проблеми и стравови дека ќе го изгубам татко ми и целиот притисок. Поминав низ неверојатно само-деструктивна фаза“, признава.

Шенон додава дека и покрај тоа што јавноста сметала дека нејзиниот приватен живот е послан по таблоиди и дека сите се’ знаат за неа, всушност таа била се спротивно од тоа. Со време, единствените луѓе во кои имала и има доверба се нејзиниот сопруг, мајка и најблиските пријатели.

„Кога го добив ракот првпат, тоа беше прекрасна работа, затоа што конечно сиот багаж и слика за мене од претходно конечно се тргнаа. Тој дел од моето детство (19 години за мене се детство) исчезна“.

А со рак, нема веќе криење. Во 2016 година објави фотографија на Инстаграм како сопругот ѝ ја бричи косата. Неколку месеци подоцна се појави на црвен ќилим со турбан и конечно јавноста, нејзините обожавтели и оние другите можеа да видат дека е ранлива. Нејзините пријатели велат дека отсекогаш се плашела да им ја покаже вистинската Шенон, бидејќи од неа се очекувало да биде „цврста“.

„На крајот, сфатив дека имам добра карма. Можеби не изгледа така, но јас бев/сум навистина добар човек“.

Снимањето на новите епизоди на „Беверли Хилс“ било тешко, но сепак смета дека прифаќањето на тој ангажман била добра одлука.

„Многу сум благодарна што го направив. Беше убаво да се видат сите повторно, но од друга перспектива“, вели Шенон.

Како лице со канцер, Ковид-19 е висок ризик за неа, па затоа со сопругот одлучиле да се вратат во нивниот дом, каде имаат свој ранч и бавча, за кои се грижат самите.

„Се трудам да ги ценам сите мали моменти кои повеќето од луѓето и не ги забележуваат или ги земаат здраво за готово. Малите нешта се многу значајни за мене. Како човек со смртна болест, не можам поинаку, освен да ја замислам иднината без мене во неа. Се’ уште не сум седнала да напишам писма. Тоа е нешто што морам да го направам. Има нешта кои сакам да ѝ ги кажам на мајка ми. Сакам сопругот да знае дека тој ми беше суден. Размислувам и да снимам видеа за да можат да ги гледаат и кога мене ќе ме нема. Но, кога и да помислам да го направам тоа, ме обзема чувство на конечност. Како да се одјавувам, а јас не се одјавувам уште. Се чувствувам како многу здрав човек. Тешко е да ги завршиш работите кога имаш чувство дека ќе живееш уште 10 или 15 години. Не сум подготвена, има уште многу живот во мене“, вели Шенон.

А доказ за тоа е што таа работи на неколку проекти, вклучувајќи и ново телевизиско шоу и изнаоѓање начини да го користи својот јавен профил со цел да ги застапува сите жени што ја имаат истата болест и да порача дека тоа се луѓе во кои има уште живот.

Објавено:
1 октомври 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.037 пати