15 години од премиерата на „Ѓаволот носи Прада“ - Што можеше да биде поинаку?

29 јуни 2021

На денешен ден во 2006 година се случила премиерата на денес веќе култниот филм „Ѓаволот носи Прада“. 

Веројатно ниту еден член на екипата тогаш не препоставил дека и деценија ипол подоцна, овој филм ќе се гледа со големо задоволство и дека кога и да се спомне привлекува големо внимание.

Голема фама се крена откако се дозна дека филмот е правен по вистинска приказна и дека Миранда Присли (која ја толкуваше Мерил Стрип) е всушност лик инспириран од Ана Винтур.

И иако поминаа неколку години, оваа тема е сѐ уште актуелна.

Новелата по која е и направено остварувањето го носи истиот наслов. И покрај силниот збор во насловот, авторката Лорен Вајсбергер воопшто не сакала да изгледа како да се одмаздува, а реакциите се кои се соочила го покажувале токму спротивното.

-Инспирацијата за книгата беше од моето искуство во „Вог" и работењето со Ана Винтур. Секако, таа приказна јас ја надградив и ја хиперболизирав. Никогаш немаше да ја напишам книгата да знаев дека ќе има толку груби реакции на сметка на уредничката. Дали тоа ме вознемири? Да, и тоа многу! – вели авторката за „Тајмс", која исто така додаде дека по заминувањето од „Вог" никогаш повеќе не се слушнала со Винтур.

Вајсбер беше уште повеќе ставена во фокусот откако благајните почнаа одлично да заработуваат и Мерил Стрип и Ен Хетевеј се покажаа како одличен избор.

Инаку, Лорен напиша и второ продолжение на книгата „Одмаздата носи Прада", но таа не доживеа голем успех, а не успеа ни да ја продаде за да се направи второ продолжение на филмот.

Сепак, кога е нејзиното реално искуство во „Вог" во прашање, без елементи на фикција, ќе каже:

-Многу од студентите, тукушто излезени од факултет, ја имаат искусено истата суровост на учењето како и јас. Тоа е „обука" за тоа да станете подготвени за светот и вашите амбиции, наместо да се најдете себеси како му „служите" на „ужасниот" претпоставен и ги правите „одвратните задачи", како носење кафе или работење во канцеларија до полноќ. Сепак, чувствувам стравопочит кон способностите на Винтур како уредник, како и на неверојатната можност да работам за магазинот, да стекнам рутина и да влезам во светот што ги вклучува сите познати личности, преку спортски ѕвезди и претседатели – вели авторката на книгата.

Што можеше да биде поинаку?

Повеќе нешта:

Крајот

Неодамна, во јавноста беше објавено кратко видео од сцена која била избришана од финалната верзија на филмот, а која можела да го промени и контекстот на сценариото, односно релацијата меѓу двата главни ликови.

Имено, во сцената се појавува сопругот на Миранда, со кој таа не е во добри односи и се пред развод, а Енди ѝ помага да ја „спаси" ситуацијата, по што би се очекувал потопол однос на шефицата кон асистентката, што од друга страна пак би ја променило целата нивна комуникација, што не е случај во финалната верзија.

Погледнете за која сцена се работи.

 Рејчел Мекадамс да биде во улога на Енди

Ен Хатавеј во едно интервју откри дека не била ниту во топ три избори за главната улога.

„Јас бев деветти избор за улогата во „Ѓаволот носи Прада", но ја добив! Затоа, никогаш не откажувајте се. Морав да бидам трпелива", порача актерката, која во една друга пригода откри дека дури и ги испишала зборовите „земете ме" во песокот во дворот на градината во рамки на зградата каде што извршниот директор имал состанок, со цел да го привлече вниманието .

Инаку, прв избор била Рејчел Мекадамс, која во тоа време има огромна популарност поради успехот со филмовите „Notebook" и „Mean Girls", но наводно, ја одбила улогата.

Мерил Стрип за малку ќе ја одбила улогата

И тоа поради висината на хонорарот. Имено, во едно интервју ќе открие дека понудата што првично ја добила била „речиси навредлива“. „Имав 55 години и тукушто научив, иако доцна, како да се борам за себе“, вели Стрип - а резултатот бил дуплиран хонорар (4 милиони долари) на задоволство и на актерката, но и на гледачите.

 Различни верзии на сценариото

Иако сите гледале потенцијал во проектот, процесот на развивање на истиот бил предизвикувачки. Имено, првите верзии на сценариото биле далеку „посурови“, односно во фокус била ставена одмаздата на Енди кон Миранда. Но, сепак режисерот дал предлог да се помести фокусот, да се осврнат кон успехот на една жена во машки свет и на победничка приказна за двата главни женски лика. Инаку и самата Мерил Стрип побарала во филмот да има сцена каде Миранда ќе биде претставена како човек од крв и месо.

„Сакав сцена каде ќе ја видиме без нејзиниот штит, да се види нејзиното лице без маската што ја има како бизнис жена“, во една прилика изјавила Стрип.

 Комплициран кастинг

Не се само Мерил Стрип и Ен Хатавеј, екипата на филмот имала навистина потешкотии при кастигнот и со останатите актери. Така на пример,  Стенли Тучи кој го толкува Најџл, се пријавил на кастингот дури 72 часа пред неговиот прв сет.

Преку 100 актерки биле пријавени за улогата на Емили, асистнката на Присли. Емили Блант во тој период била во истото студио, работејќи на други аудиции и повици за друг филм „Eragon“. Кастинг агентот за „Ѓаволот носи Прада“ практично ја снимил аудицијата со Блант која била облечена во џинс, маица и апостолки, затоа што брзала да го фати доцниот лет за Лондон. Без разлика што нејзиниот лик има американски корени, таа сцената ја одглумила на строг британски акцент, што неизмерно му се допаднало на режисерот Франкел. Продуцентите од другиот филм сепак одлучиле да не ја ангажираат Блант, па Франкел побрзал за да го склучи договорот.

 

 

Објавено:
29 јуни 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
625 пати