ФОТО: Впечатоците од црвениот килим на „Браќа Манаки“

17 септември 2021

Една од асоцијациите на септември ни е и Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, а 42 издание започна вчера.

Секако, неизбежен дел од отворањето е и чекорењето на црвениот килим, а ние во продолжение ќе ги споделиме нашите впечатоци.

Имено, години наназад црвениот килим не подразбира строга, па дури и досадна формалност. Ако ги земеме за пример гламурозните настани од светски ранг, ќе се согласите дека чекорењето по оваа “патека“ стана многу повеќе од формален изглед - стана вистинско модно дефиле, па дури своевиден натпревар на модните дизајнери.

Сепак, без разлика што дозволува да си ја искажете креативноста, модната естетика и вкус, сепак елеганцијата е нешто што секогаш доминира и се бара на ваквите настани.

Иако веќе не постојат строги правила, сепак црвениот килим подразбира свечен изглед, дотеран изглед со кој не само што се претставувате себеси, туку покажувате почит кон настанот/институацијата каде што сте поканети.

Ако зборуваме за позитивни примери, директорот на ИФФК „Браќа Манаки", Симеон Дамевски комплетно го испочитува дрес-кодот што го наложува ваквиот тип настани. Комплименти упатуваме и до дамата до него - црни панталони од кадифе и оваа трендовска блуза од светкав матеијал со нагласени ракави е полн подокот за неа и одлично ѝ прилега, а воедно покажа дека не се фустаните единствен избор во кој можете да изгледате впечатливо.

 Меѓу доминантните комбинации од црвениот килим секако беше и оној на Каролина Гочева, која донесе доза холивудски гламур во Битола.

Водител на отворањето беше актерката Тамара Ристоска, која изгледаше одлично во тоалетата со асиметричен горен дел.

Меѓу позабележителните изгледи се и на дамите од наредните фотографии, кои се обиделе да ги вклопат елеганцијата со актуелните трендови.

 

Дамите на следната фотографија внесоа доза колоритност на црвениот килим, но ќе изгледаа уште подобро доколку јакните и палтата ги оставеа, макар за фотографирањето, бидејќи го расипуваат севкупниот впечаток.

И пред да ја видите галеријата со останатиот дел од гостите, ве потсетуваме на општопрофатен дрес-код за црвен килим, кој рековме низ годините добива нови форми, некои правила се надградени, други изменети, но суштината се' уште е иста.

Жени

Жените се малку послободни во изборот, но тоа колку може да биде предност, може да биде и недостаток, ако не знаете како да ги искомбинирате нештата или пак ако не знаете да го носите моделот.

*Кога е црвениот килим во прашање, најдобар избор се долгите тоалети. Дури, дозволено е и да се подолги, да се влечат, но не до тој степен да не може да одите, или да изгледате како да сте вкопани во земја. И покусите должини се во ред, а меѓу најприфатливите се миди должините..

*Одличен избор може да биде и женското одело со пристојна доза на сексапил. Но, и тука постои избор – дали ќе носите одело, кое ќе подразбира кошула и вратоврска пеперутка како кај мажите, или пак ќе се определите за похрабрата варијанта. Ако ова второто е вашиот избор, тогаш внимавајте да не бидете вулгарни кога е деколтето во прашање.

*Накитот е задолжителен, но внимавајте да не претерате. Ако фустанот е избработен од богат материјал, накитот треба да е дискретен и едноставен. Ако пак, фустанот е поедноставен, тогаш истакнете се со накитот. Ако носите многу накит, тогаш добро координирајте го и гледајте да е со исти мотиви.

Високите потпетици се исто така задолжителен избор. Плик и клач чантите се исто така еден од задолжителните модни додатоци.

Пример на добро испочитуван дрес-код и елегантен изглед. Сако од кадифе, бела кошула, елегантни панталони се одличен моден избор.

Мажи

*Мажите треба да носат одело или смокинг, кои најдобро би било да се изработени од волна. Сакото може да биде на дворедно закопчување или пак едноредно.

*Реверите можат да бидат остри, или пак со т.н шал крагна. Мошне популарни се „забестите" ревери, но ако се оди според традицијата, тие не се прифатливи. Реверите можат да бидат од сатен или свила.
Сакото не смее да се носи откопчано.

*Кај едноредното закопчување, пожелно е сакото да има едно копче, иако во последно време, се прифаќаат и две. Доколку пак немате избор и сакото има три копчиња, во тој случај се закопчува само средното или пак првите две. Џебовите на сакото никако не смеат да се со капаци.

*Панталоните не смеат да бидат ниту предолги, и да ја кријат потпетицата на чевлите, но ниту пак да бидат прекуси, па да остават таа да се гледа целосно. Материјалот од кој се изработени панталоните треба да биде ист со оној на сакото. Работ на средината на панталоните треба да биде во иста линија со врвот на чевлите.

*Кошулите треба да се бели и исклучиво со долги ракави. Под неа треба да се носат маици што не оставаат трага, затоа маиците на прерамки не се опција.

* Манжетните треба да се закопчани и тоа исто така, или само со едно закопчување (Франција) или две закопчувања (Британија).

*Кога е вратоврската пеперутка во прашање, нема да згрешите. Во поново време се сè поприфатливи и вратоврските, кои не би требало да се прешироки во горниот дел. Ако се одлучите за вратоврска, тогаш должината на вратоврската треба да е до шнолата на ременот. Ако носите смокинг или сако со едно копче, тогаш вратоврската не е опција.

 

Како што забележувате, џинсот не се спомнува, а на годинашното издание на Манаки го има би рекле и премногу, кога се мажите во прашање, бидејќи жените се потрудиле многу повеќе да остават впечаток.

Сепак, за разлика од другите години, не видовме многу боја на црвениот килим. Црните креации беа доминантни. Исто така, не видовме ниту храбри модни избори што подразбираат интересен/необичен крој, или принт. Или некоја интересна комбинација на бои, па макар биле применети само кај модните додатоци.

Во тој контекст може да се посочи креацијата што ја носеше првата дама на Македонија, Елизабета Ѓоргиевска.  Нејзиниот црн миди фустан, од едната страна беше украсен со рачно сликан принт и така се издвои.

Од друга страна, ќе беше убаво да го видиме претседателот со малку поинаков избор на вратоврска, па и крој на одело, кој ќе внесе поголема доза на елеганција, а помалку класичен формален изглед, кој секако го практикува во секојдневието и му е проверена комбинација.

Ретки се моментите кога имаме шанса да покажеме модна култура, а фестивалот „Браќа Манаки“ е добар пример да се види колку следиме, се едуцираме и колку сме подготвени да испочитуваме една културна манифестација од ваков ранг.

Ако сметате дека облеката, односно изгледот е неважен, се лажете. Овој сегмент поединакво е огледало на културата. Воедно, ваквите настани се одличен момент да се соработува со македонски модни куќи и дизајнери, доколку тоа не можете да си го дозволите во секојдневието. Не само што ќе се промовира домашен дизајн и работа, туку ќе имате шанса да бидете стручно посоветувани и соодветно облечени.

Во продолжение погледнете ја галеријата и оформете ги вашите впечатоци.

 

Повеќе фотографии од цвениот килим можете да видите на официјалната фејсбук страна на фестивалот тука.

 

фото извор: facebook.com/Manaki.Brothers.Festival

Објавено:
17 септември 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
20.274 пати