Четврта вечер FWSK: Младите модни визионери инспирирани од минатото

26 октомври 2013

Според  досегашната презентирана програма  на Модниот Викенд Скопје, првиот впечаток е дека осмото по ред издание е во знакот на младите дизајнери, со неколку значајни исклучоци. Четвртата вечер беше флуид од новата креативна енергија на младите дизајнери: Ивана Цветковска, Стефанија Насеска, Марјана Рујаноска како и веќе етаблираниот дизајнер Никола Петровски кој веќе 17 години работи како дизајнер во родната Битола.

Доколку претходната вечер се бараше место повеќе, вчера публиката беше преполовена и имаше послаба посетеност, но позитивната возбуда на дизајнерите и нивната амбиција на тапет пред јавноста на најдобар можен начин да го пренесат сработеното, го „исполни“ просторот во новата катна гаража „Св.Кирил и Методиј“ каде веќе се одржаа дел од ревиите.

Концептот на вечерта беше поделен во две целини: настанот го отвори младата дизајнерка Ивана Цветковска под етикетата EVEE која настапи самостојно, а потоа со групна ревија своите колекции ги промовираа останатите тројца дизајнери.

Цветковска презентираше есенско-зимска колекција инспирирана од летото сакајќи  да ги спои контрадикторностите меѓу двете временски сезони. Носталгијата по летната свежина и ведрината која ја носи тој период од годината, концептуализираа колекција во која доминира сината боја која потсеќаше на небесната чистина, а во нејзините модели најчесто можеа да се видат комбинации  со транспарентни бежови нијанси. „Summertime Sadness“  е насловот кој ја води темата, која за време на ревијата беше придружувана од истоимената нумера на пејачката препознатлива по меланхоличниот глас, Лана Дел Реј. Во оваа колекција на младата дизајнерка фокусот беше на необичниот спој на материјали: свила, кожа и плиш, формирани во карнери и асиметрични форми со нагласена половина.

-Сакав топлите тонови да ги вметнам во есенското и зимското сивило, а секоја жена што се чувствува секси и која мисли дека може да се носи со својата индивидуа, ќе се пронајде во овие парчиња облека. Брановидните форми како карнерите се инспирирани токму од брановите на морето, а високиот струк и транспарентните  материјали преовладуваат низ креациите, изјавува дизајнерката Ивана.

Како дизајнер почетник кој прв пат претставува колекција,  Ивана вели дека е многу тешко да се воспостави баланс со финансиите, пред се за изработка на креациите, а потоа и за издвојување пари за учество.

-Не е лесно, треба да се има финансии, поддршка и многу желба. Покрај мене стои сестра ми која секогаш ми помага во нешто, а се разбира тука е и целото семејство. Задоволна сум од третманот како учесник на моден викенд, а планирам да земам учество и за следната сезона. Мислам дека на овој моден настан можам  најдобро да се претставам пред модната публика која сакам да ме запознае и да има прилика да го види она што го работам, бидејќи досега немам никаде учествувано, сметам дека е добар начин да се промовира еден млад дизајнер, дополнува Цветковска.

Од присутната публика за ревијата на Ивана исто така имаше и млади дизајнери, кои освен со присуството и ја дадоа поддршката  на својата колешка низ неколку пофални реченици.

-Ми се допадна тоа што колекцијата имаше јасен концепт и кога ќе ја погледнеш во целина, дава една комплетна слика, а посебно тоа се виде на дефилето кога излегоа сите манекенки. Се препознава една развиена идеја, вели надежниот млад дизајнер Златко Јовановски.

Во вториот дел од вечерта имавме можност да видиме групно организирано претставување на тројцата дизајнери:  Стефанија Насеска, Марјана Рујаноска и Никола Петровски. И покрај тоа што настапија заеднички, секој од нив имаше свој карактеристичен пристап во комплетната визуелна слика.

Младата Стефанија Насеска преку модернизирана верзија на македонската историја со фокус на познатата мисла на филологот Крсте Петков Мисирков:  Шчо напраифме, го продлабочи својот дизајнерски концепт до ниво на размислување и тоа од аспект  во каква насока се движи комплетната модна фела во Македонија. Така, опфаќајќи ги  самите дизајнери, па се до Модниот викенд и медиумите кои ја тематизираат оваа содржина, таа успеа да ја пренесе својата поента. Сакајќи да ја дефинира својата колекција како апсолутно модерна и покрај историската инспирација, го искористи дезенот од животниските принтови и написите со паролота  „Шчо напраифме“ на кратки топови комбинирани со здолништа со висок струк.

 

- Колекцијата е инспирирана од уличната мода и поп артот, меѓутоа успеав да спојам и нешто од македонската историја, а тоа е Крсте Петков Мисирков со „За Македонските работи“, вметнат  со фразата Шчо напраифме, а се мисли на тоа што направивме ние дизајнерите, организаторите на моден викенд, новинарите, блогерите, односно колку со заеднички сили го поместивме нивото на модата од првата година на одржување до ден денес. За 15-те модели користени се природни материјали едноставни кроеви, меѓутоа посебно посветено е внимание на комбинацијата.

И дизајнерката Насеска која веќе по четврти пат се претставува на модниот викенд, вели дека како младо дизајнерско име има тежок товар на својот грб додека се стаса до комплетно реализираното дело.

-Премногу е тешко за еден млад дизајнер, пред се за да создаде колекција требаат многу пари, најмногу според мене за квалитетни материјали и се она што ја надополнува колекцијата кога се претставува пред публика. Јас како млад дизајнер се уште работам сама, од цртеж-скица до крајна реализација и горда сум на тоа, меѓутоа е премногу тешко на мојот грб. Добив реклама , откако се појавив за прв пат на моден викенд, ме запозна поголема публика, така почнаа и нарачките не само на луѓе од мојот град Прилеп туку од целата земја. За групна ревија се одлучив поради финансиите. Како млад дизајнер не можам да си дозволам самостојна ревија, кога ќе најдам спонзори, можеби, но добро е и вака во групна ревија со колеги, вели дизајнерката Насеска која додава и своја позитивна препорака до организаторите.

-Во однос на препорака до организаторите на овој настан би кажала дека треба да посветат внимание на локациите на одржување, ова издание се покажаа одлично со катната гаража, но треба и во иднина да наоѓаат соодветни локации, зашто просторот е навистина важен сегмент, дополнува таа.

Дизајнерката пак Марјана Рујаноска прв пат го искуси учеството на Модниот Викенд, со колекција за сезоната есен-зима инспирирана од женственоста и елеганцијата на 40-те години на минатиот век. Модните икони од тој период, Грета Гарбо и Ингрид Бергман ја разиграле нејзината дизајенрска фантазија која се реализираше во колекција за жени кои преферираат елегантен стил. Кројот на моделите ја следи женската силуета во строги линии. Палетата на бои помеѓу црната и белата, се надополнува и со зелена и виолетова, а материјалите од кои се изработени парчињата се типични за овој период од годината: чоја, памук, вештачко крзно комбинирани со жоржет, трико и сатен.

-Главна инспирација ми беа 40-те и најмногу модната икона Грета Гарбо. Материјалите кои се користени се претежно од природно потекло, а боите се трендовски, вечната црна, белата и виолетовата. Одлучив својата прва колекција да ја претставам пред најголемата модна публика, а настан од ваков карактер имаме само еден. Се надевам дека со исто темпо ќе продолжам и понатаму и дека и следната сезона ќе имам можност да провирам нова колекција, вели Рујаноска, која исто како и своите колеги вели дека финансиите се најсилните кочници, па затоа ја избрала групната ревија како начин за презентација.

Четвртата вечер ја финишираше дизајнерот Никола Петровски, кој зад  себе има седумнаесет годишно искуство во оваа професија и кој го носи искуството и од учеството не само на скопскиот, туку и на Модниот Викенд Битола, како и престижниот настан Модест.

Петровски отиде една сезона понапред и ни презентираше машки и женски модели за пролет-лето 2014 воден од емоциите на Љубов-та, како што беше и насловена неговата колекција. Разиграно, шарено, со “неспоив” спој на различни принтови и цветни дезени ја одбележаа неговата колекција во која видовме едноставни форми и чисти линии на здолништата за жените, како и кошули со богат колорит комбинирани со сакоа во силни бои за мажите, инспирирани од филмските романтични педесетти и шеесетти години од минатиот век. Изборот на материјали се сведува на природни: памук и лен или нивна мешавина со ликра или свила.

-Одлуката да претставам колекција пролет-лето беше поради тоа што сезоната есен-зима е веќе започната и сметам дека претставување на  колекција за моменталната сезона е задоцнето. Искрено не ја сакам зимата и затоа се инспирирав од летото, дури и во зимските колекции знам да вметнам нешто летно. Околу инспирацијата за колекцијата тргнав од самиот себе, ги обожавам цветните дезени, така да не е нешто ново за мојот дизајнерски сензибилитет. Јас пред битолската публика се претставувам веќе 17 години, порано се претставував самостојно, додека откога почна да функционира битолска модна недела, пред 6 години учествував и таму, но сум претставил и колекција на скопски Модест, а сум имал ревии и  во Софија. Оттука се разбира дека модните недели се одлични за претставување пред публиката, вели Никола.

И за групната ревија, поддршка од публиката на дизајнерите им дадоа и две битолски дизајнерки, Лили Кадинска и Јулија Гичевска, кои за својот колега сограѓанин, но и за останатите дизајнери велат дека им оставиле силен впечаток од сработеното.

-Од групната ревија на тројцата дизајнери, лично најмногу впечаток ми остави разиграната летна колекција на Никола Петровски. Од него видовме нешто ново и различно. Никола излезе од црвената линија, овој пат беше целосно колоритен и тоа навистина ми се допадна, вели Јулија Гичевска.

-Јас вечерва навистина уживав во колекциите на моите колеги. Имаше доста креаивни и иновативни моменти. Посебно би ја издвоила колекцијата на Стефанија Насевска која лично ми остави позитивен впечаток. Ги подржувам континуирано да работат и да продолжат во ова темпо, вели Лили Кадинска.

До крајот на FWSK останува да погледнеме уште неколку колекции, претставени како преку класична ревија така и преку перформанс. Освен новите колекции што следуваат, промена ќе има и во локацијата па така вечер се паузира од ревии, а сите љубители на модата ќе се забавуваат на модна забава, за веќе во недела во Даут Пашин амам  се одржи колекцијата на дизајнерката Мила Кадриу.

 

 

 

Објавено:
26 октомври 2013
Категорија: 
Актуел