Тема: Дали кралицата Летиција го прекрши протоколот бидејќи облече мини – одговор побаравме кај Академијата за протокол

24 август 2022

Покрај добрите и позитивните карактеристики, социјалните мрежи станаа и „бојно поле" каде секој, и кога треба и кога не би требало, си дозволува да коментира, мудрува и да дава стручни мислења на теми на кои и воопште нема познавања. Демократијата на овој виртуелен простор тоа го овозможува, иако многу често моралот и етиката тука се доведени во прашање, а уште повеќе релевантноста на изнесеното.

Еден пример кој ни го задржа вниманието неодамна во тој контекст, беше „стручната дебата" отворена на Твитер во која се коментираше изгледот на шпанската кралица Летиција, која патем модните магазини и модната фела ја посочуваат како една од иконите на стилот на новото време. Како кратка увертира, се работи за случај кога 49-годишната шпанска кралица, во неформална ситуација, на приватна летна прошетка со семејството, облече мини фустан. „Копјата се кршеа" околу прашањето дали во овој случај таа го прекршила дрес кодот на шпанската монархија.

Одговор побаравме кај Академијата за протокол на Македонија, каде стручно се произнесе г-ѓа Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, основач и директор и меѓународен консултант по деловна етикеција и дипломатски протокол.

Разговорот го искористивме да продискутираме за уште неколку интересни прашања од истата тема.

Неодамна, шпанската кралица Летиција предизвика различни коментари на социјалните мрежи. Темата беше тоа што во неформална прилика носи фустан со кратка должина. Дел од коментарите ја поддржаа во изборот, но според дел од нив, таа го прекршила прокотолот на кралското семејство. Па, прашањето ни е, дали кралицата навистина ги прекршила дрес код начелата?

-Дали кралицата Летиција ги прекршила правилата на облекување, пред сé зависи од тоа во каква пригода се случило „прекршувањето" и дали со тоа е упатена навреда или непочитување на другата страна. Кралицата Летиција важи за една од најелегантните дами во Европа, токму заради изборот на облеката која не секогаш е скап бренд. Честопати се гледа во облека од продавници во кои купува и „обичниот народ", но веројатно заради нејзината става и држење, секогаш е забележана и знае тоа да го носи со неверојатна елеганција. Во приватни моменти, се разбира, би било нелогично да се држи до строги правила, па нема ништо спорно да облече шорц или летна маичка.

Овој пример иницираше да се навратиме на бројни други, кога членки на кралски семејства (поранешната принцеза Дијана и војвотката Кејт Мидлтон само како илустрација), во неформални прилики носеле облека со мини должина. Каде е границата во поставувањето на правилата како треба/не треба да се облекува член на кралско семејство? Дали таа граница со текот на времето се поместува и дали во различни кралства важат различни правила во тој контекст?

-Границите се поместуваат, иако во британската монархија тоа оди многу споро, можеби и заради возраста на кралицата Елизабета која држи до некои традиционални правила. Сé уште опстојува должината под или на ниво на колена, неоткривање на рамениците и пазувите, задолжителните хулахопки, затворени прсти на нозете, незабележителен лак на рацете, црно само за погреби. Во другите монархии се разбира дека постојат протоколи за облекување, но заради фактот што јавноста многу помалку ги следи овие семејства, ретко ги гледаме нивните креации или гафови. Исто така, вниманието е секогаш повеќе свртено кон жените, па кралицата Летиција, кралицата Ранија, или војвотката Кетрин веќе го освојуваат приматот на модни икони затоа што секое нивно излегување внимателно се следи. Принцезата Дијана беше можеби и првата која покажа отпор кон овие стеги, појавувајќи се во фустани кои пред нејзиното време беа незамисливи.

Колку социјалните мрежи и целата дигитална револуција, влијаат на правилата за облекување во кралските семејства? Факт е дека одредени кралици, принцези и војвотки се интензивно присутни во модниот свет, па дури се прогласувани и за икони на стилот, како што посочивте и Вие. За разлика од порано, социјалните мрежи сега ни овозможија близок увид во нивното секојдневие...

-Она што го гледавме во часописи еднаш месечно, сега сме бомбардирани секојдневно, не само за кралските семејства, туку и за сите јавни личности. Како се облечени, како се нашминкани, кој бренд го носат, дали се здебелиле и што смениле во личниот опис. Мора да признаеме дека го губиме фокусот од вистинските проблеми во светот со тоа што се бомбардирани со слики за фустани или чевли. Да се разбереме, тоа се луѓе кои имаат неограничени финансиски средства, цели ентуражи на модни советници, за секој бренд е престиж неговиот фустан да го облече Кејт Мидлтон или Меган Маркл, така што постои натпревар меѓу модните куќи околу тоа. Убаво е да се биде во тек со настаните, но мислам дека социјалните мрежи создадоа една хистерија околу нешто што на обичниот човек му е недостижно.

Постојат ли универзални дрес код правила во протоколот на кралските семејства за кои не постои компромис?

-Се разбира дека постојат, иако минаа времињата на штиркани крагњи, бели перики и напудрени лица. Сите правила се прилагодени на тоа на каков настан одите и со кого треба да се сретнете. Ова се генерални правила кои важат и за сите други државници во светот, а не само за кралските семејства. Кај монархиите постојат повисоки церемонијали, сето тоа е многу погламурозно, од облеката, па се' до накитот. Точно се знае кога се носи фрак, кога долг фустан, кога се ставаат бисери, а кога ордени. Но, фактот што постојат прилики кога треба да стават огромни дијаманти и кралсо ленти на себе, не значи дека никој од нив не може да облече патики или фармерки тогаш кога ќе посака. Иако спомнав неколку строги правила кај британското кралство семејство, еве уште еден интересен обичај околу кој нема компромис – принцовите мора да носат бермуди и никако долги панталони додека не наполнат 8 години.

Објавено:
24 август 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.864 пати