„Вечер“ прослави 50 години постоење

12 ноември 2013

Уредници, новинари, медиумски соработници, пријатели и естрадни имиња, синоќа во амбиентот на скопскиот ресторан „Арабеска“ го прославија јубилејниот 50-ти роденден на дневниот весник „Вечер“. Како што е ред за вакви официјални и свечени настани, гостите пристигнаа дотерани од глава до пети и на домаќинката и главна уредничка Ивона Талевска како и на нејзините колеги  им честитаа за досегашната работа на медиумот.

 

Бидејќи како домаќинка беше во центарот на вниманието, Ивона  за овој повод носеше елегантна црна коктел тоалета од модната куќа Елена Лука, во која изгледаше пред се софистицирано, женствено и елегантно. Задоволството од својот изглед не го криеше, а освен што позираше пред нашиот фото објектив, Ивона сподели детали и околу тоа чии совети најмногу и помагаат околу стилот.

-Фустанот што го носам вечерва е креација на модната куќа „Елена Лука“ која и овој пат за мене дизајнира елегантна креација во која се чувствувам одлично. За вакви настани најчесто ги барам советите од мојата колешка Лила Стојановска, бидејќи таа е жена со стил и кога мислам на стил не мислам само на облекување туку мислам и на карактер. Инаку, сакам да носам раскошни долги тоалети, но ретки се можностите каде може да се носи нешто такво, па се прилагодуваме на условите што ги имаме во колетел фустани и тоа крајно елегантни, изјави Ивона Талевска.

 

Ивона во креација на Елена Лука Ивона во креација на Елена Лука

Меѓу присутните забележавме како естрадни така и имиња инволвирани во модниот свет, кои за Fashionel велат дека на вакви официјални настани сакаат пред се да изгледаат отмено, префинето и модерно.

-Имам среќа што за соработувам со дизајнерката Мила Кадриу, која секогаш за мене има креација што за мојот сензибилитет и конституција е совршена. Штом треба да присуствувам на некој официјален настан, гледам на себе да имам некој впечатлив фустан, независно дали настапувам или сум во улога на гостин, вели пејачката Андријана Јаневска.

 

-На сите ни годи чувството да сме дотерани, па така и јас дефинитивно сакам да изгледам уникатно, но сепак да не се издвојувам многу. Штета што кај нас не важи дрес код за вакви настани, на кои ќе можеме да го облечеме она што навистина би прилегало за конкретното случување, објаснува дизајнерката Кадриу.

И близнаците од рок дуото „Некст Тајм“ беа меѓу гостите, а како и секогаш кога не се на сцена тие преферираат да изгледаат елегантно со блага доза на рок парчиња.

-Секогаш водам сметка за типот на пригодата, по што се водам и како да се облечам. Иако ги сакам лежерните и спортски парчиња, за официјални настани, еве како што е овој вечерва сакам да изгледам елегантно и урбано, вели Стефан Филиповски.

Од галеријата во продолжение погледнете каква беше атмосферата, но и како изгледаа присутните.

 

Објавено:
12 ноември 2013
Категорија: 
Актуел