Скопски фестивал ги поврза македонската музика и мода

13 ноември 2013

Македонската опера и балет вчеравечер ги отвори портите за сите љубители на добрата македонска забавна музика. Голем број познати личности, но и оние кои сакаа да ја почувствуваат магијата на Скопски фестивал, уживаа во дваесетте нумери, кои беа изведени во живо во придружба на Големиот Ревиски оркестар на МРТВ. Иако организацијата на моменти потфрли, тоа не го намали уживањето во овој реномиран фестивал кој повторно заживува.

Меѓу присутните ја забележавме и стилистката Цаци Паковска.

- Вечерва сум во својство на новинар. Со оглед на тоа дека ретко имаме вакви настани, ова е одлична можност да видиме кој како е облечен, кој како се погрижил за себе, односно кој како се погрижил за некој друг. Јас оваа вечер очекувам да се изненадам, па така очекувам и лошо и добро облечени - ни рече Цаци пред почетокот на фестивалот.

Водител беше Васил Зафирчев, кој успеа да не однесе на едно мзуичко патување низ времето, а на сцената се појавија и млади изведувачи и надежи, веќе добро познати и етаблирани музички имиња, како од нашата сцена, така и од регионот. Но, покрај убавите мелодии, публиката имаше можност да ужива и во различните стајлинзи.

Фестивалот го отвори Димитар Андоновски, со песната „Ако ме боли“, со кое го освои третото место. Второто место пак, и припадна на Тамара, која имаше забележителен настап со баладата „Тешко без тебе“. Сепак, најголеми симпатии од публиката успеа да собере младиот Ламбе Алабаковски, со композицијата „Ќе те чекам јас“, која и ја посвети на својата мајка, а се појави во креација на модната куќа Елена Лука.

- Оваа песна е дело на Јован Јованов, музика и аранжман, а јас се појавувам како автор на текстот. Навистина ми е драго што имам ваква композиција, што е дел од мојот репертоар. Песната не е нешто многу поразлична од она што досега го работев. Сепак, има една поучна порака и драго ми е што и се  допадна на публиката и се надевам дека ќе биде слушана. Вечерва носам креација од модната куќа Елена Лука, што е специјално направена за овој фестивал. Вечерашнава креација е една посмирена варијанта на сако со подолга должина, во беж боја со кафени елементи. Можеби истата некому ќе му биде чудна, но сепак ова е сцена и може да се експериментира. Досега со Елена Лука работевме и на мојот нов видео запис, и задоволен сум, соработката ни оди навистина одлично. Многу убаво се чувствувам кога сум кај нив, бидејќи секогаш се многу пријатни, знаат да слушаат и не се многу строги (се смее).

APS_6812

Ако Ламбе беше единствениот машки изведувач кој се одлучи за македонско дизајнерско парче, кај женските изведувачи ситуацијата беше поинаква.

Така, во креација на Антонија Ристовска од најновата есен-зима колекција се појави младата Јана Бурчевска, која настапи во дует со нејзиниот колега Мики Секуловски.

- Секогаш носам нејзини креации на настани, и соработката досега ни е многу успешна. Инаку, што се однесува до песната идејата потекна од авторот Игор Атанасовски Харе. Всушност, сите нè поврзува „Идол“, вклучувајќи го и текстописецот Игор Џамбазов и оваа вечер уживав - изјави Јана.

Андријана Јаневска и Верица Пандоловска се појавија во креации на Мила Кадриу.

- Многу сум задоволна од настапот, сите одлично свиреа, ме следеа феноменално, публиката беше прекрасна и им благодарам за големиот аплауз. Инаку композицијата е  на познатиот композитор Салваторе Монети, а вечерва се одлучив да ја носам оваа црвена тоалета, која мислам дека одлично се вклопи во приказната. Модата на Скопскиот фестивал секогаш била впечатлива.  Кога ќе погледнеме години наназад, за тоа време, Маја Оџаклиевска беше престиж кога излезе со црни пердуви и црна тоалета од сатен. Таа навистина ми остави впечаток - сподели Верица.

Меѓу присутните беше и дизајнерката Ивана Кнез, која се погрижи за изгледот на повеќе изведувачи.

-Вечерва во мои креации можевте да ги видите Тамара Тодевска, Дани Димитровска и манекенката Катарина Ивановска, која носи дел од мојата најнова колекција која оди за Абу Даби за три недели. Креациите на Тамара и Дани беа направени специјално за нив, секако откако ги ислушавме нивните песни и се консултиравме, па потоа ги направивме крајните креации и со сите имам навистина позитивно искуство - рече Ивана.

Нејзиното мислење го потврди и Дани Димитровска.

-Оваа креација ја збогативме со накит исто така изработен од Ивана, по кој е и препознатлива. Со оглед на тоа дека пеам една романтична, љубовна песна, знаевме дека оваа комбинација ќе биде вистинската и ќе соодветствува на емоцијата и на севкупниот настап - сподели Дани.

Младата Сара Костадиновска ја воодушеви публиката со својот настап и енергија, а се појави во уникатна креација повторно од Елена Лука.

-Песната „Врне врне“ е во фанки ритам. Ова што го гледате вечерва на мене е креација на модната куќа Елена Лука. Многу сум задоволна од соработката, задоволна од професионализмот, нивното внимание и однос. Дури на крајот ми ги спасија и чевлите, бидејќи не беа во соодветна нијанса на виолетова, па тие успеаја и тоа да го направат за мене. Она што јас само потенцирав е да не биде здолниште, ниту долго ниту кратко, затоа што мислам дека не соодветствува на карактерот на песната. Сметам дека оваа варијанта е многу подобра. Јас им препуштив се на нив и не се излажав - рече Сара.

Последна настапи Елена Ристевска која го привлече вниманието како со интерпретацијата на баладата „Што си ти“, така и со црната тоалета со принт на Богородица, која многумина ги потсети на креациите на Долче Габана. Но, Елена по настапот ни откри за што се работи.

-Чувството на сцена е одлично, уште сум под импресии. Песната е многу енергична, не знаев како ќе ја донесам, но успеав да го почувствувам тоа што ми требаше. Што се однесува до фустанот, ова е креација моја и на мајка ми, а обетките се од Ивана Кнез.

Кога се посетителите во прашање, можеа да се видат голем број познати личности од јавниот живот кај нас. Така, во оваа вечер исполнета со убави мелодии и атмосфера, уживаа градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, Љубчо Георгиевски со сопругата Снежана, Весна Петрушевска, Мелита Ракичевиќ, манекенката Катарина Ивановска и други кои ќе можете да ги проследите во галеријата во продолжение.

Објавено:
13 ноември 2013
Категорија: 
Актуел