(Фото) Модата на свеченото отворање на 44. издание на „Браќа Манаки“

24 септември 2023

Под мотото „Прекрасното непознато", вчеравечер со свечена церемонија беше отворено 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки" во Битола.

Црвениот тепих е неминовен сегмент од неговата сценографија, на кој и вчеравечер продефилираа бројни артисти, режисери, кинематографи, филмски работници, вљубеници во филмот, гости од бизнис секторот, политичари...

Се подразбира дека во фокусот на филмските фестивали е седмата уметност со сиот нејзин артистичен раскош и слободна мисла, но модата на црвениот тепих е надополнување кое фестивалското доживување го прави комплетно и повозбудливо.

Иако димензијата на фестивалот и неговиот бонтон подразбираат свечен изглед, шанса да прикажете модна писменост преку избор на аутфит кој достојно ќе го испочитува настанот, истовремено остава простор да се надминат границите на формалноста, па ако ги следиме примерите не само во светот, туку и во регионот, ќе добиеме претстава дека црвената патека дава голем потенцијал да се покажат креативност и инвентивност кои на вечерта ќе ѝ дадат посакувана доза на модна возбуда наспроти формалноста. Така модата протолкувана низ личниот стилски сензибилитет од една страна и реномето на фестивалот од друга, даваат шанса црвената патека па се трансформира во вистинско модно дефиле.

Актерката Ана Стојановска една од највпечатливите гостинки на црвениот тепих во атрактивна креација на ЕЛЕНА ЛУКА

Симеон Мони Дамевски, директорот на Фестивалот

Се чини дека сепак, иако не постојат строго одредени правила, елеганцијата и сигурните црни комбинации, се естетика која веќе со години наназад останува најприсутна и како најбезбеден моден избор на гостите кои продефилираа на годинешниот црвен килим, се разбира со исклучоци кои даваат стилска слоевитост во генералната слика и кои секогаш се за поздрав.

Сепак, поголемиот дел од гостите бираат проверени и сигурни, наместо повпечатливи комбинации на кои им се препишува модната возбуда на настани со ваква димензија.

Дополнително, пред во продолжение да ја погледнеме галеријата од свеченото отворање и црвенот тепих, се потсетуваме на неколку безвременски бонтон правила кои нѐ насочуваат како да направиме коректен и соодветен моден избор кога се подготвуваме за црвен килим:

Фото: Официјална ФБ страна на ИФФК „Браќа Манаки“, Принтскрин од преносот во живо на МТВ

Жени

Жените се малку послободни во изборот, но тоа колку може да биде предност, може да биде и недостаток, ако не знаете како да ги искомбинирате нештата или пак ако не знаете да го носите моделот.

*Кога е црвениот килим во прашање, најдобар избор се долгите тоалети. Дури, дозволено е и да се подолги, да се влечат, но не до тој степен да не може да одите, или да изгледате како да сте вкопани во земја. И покусите должини се во ред, а меѓу најприфатливите се миди должините.

*Одличен избор може да биде и женското одело со пристојна доза на сексапил. Но, и тука постои избор – дали ќе носите одело, кое ќе подразбира кошула и вратоврска пеперутка како кај мажите, или пак ќе се определите за похрабрата варијанта. Ако ова второто е вашиот избор, тогаш внимавајте да не бидете вулгарни кога е деколтето во прашање.

*Накитот е задолжителен, но внимавајте да не претерате. Ако фустанот е избработен од богат материјал, накитот треба да е дискретен и едноставен. Ако пак, фустанот е поедноставен, тогаш истакнете се со накитот. Ако носите многу накит, тогаш добро координирајте го и гледајте да е со исти мотиви.
Високите потпетици се исто така задолжителен избор. Плик и клач чантите се исто така еден од задолжителните модни додатоци.

Мажи

*Мажите треба да носат одело или смокинг, кои најдобро би било да се изработени од волна. Сакото може да биде на дворедно закопчување или пак едноредно.

*Реверите можат да бидат остри, или пак со т.н шал крагна. Мошне популарни се „забестите" ревери, но ако се оди според традицијата, тие не се прифатливи. Реверите можат да бидат од сатен или свила.
Сакото не смее да се носи откопчано.

*Кај едноредното закопчување, пожелно е сакото да има едно копче, иако во последно време, се прифаќаат и две. Доколку пак немате избор и сакото има три копчиња, во тој случај се закопчува само средното или пак првите две. Џебовите на сакото никако не смеат да се со капаци.

*Панталоните не смеат да бидат ниту предолги, и да ја кријат потпетицата на чевлите, но ниту пак да бидат прекуси, па да остават таа да се гледа целосно. Материјалот од кој се изработени панталоните треба да биде ист со оној на сакото. Работ на средината на панталоните треба да биде во иста линија со врвот на чевлите.

*Кошулите треба да се бели и исклучиво со долги ракави. Под неа треба да се носат маици што не оставаат трага, затоа маиците на прерамки не се опција.

* Манжетните треба да се закопчани и тоа исто така, или само со едно закопчување (Франција) или две закопчувања (Британија).

*Кога е вратоврската пеперутка во прашање, нема да згрешите. Во поново време се сè поприфатливи и вратоврските, кои не би требало да се прешироки во горниот дел. Ако се одлучите за вратоврска, тогаш должината на вратоврската треба да е до шнолата на ременот. Ако носите смокинг или сако со едно копче, тогаш вратоврската не е опција.

 

Објавено:
24 септември 2023
Категорија: 
Актуел