Што треба да поседува една колекција за да биде дел од „високата мода“?

23 јануари 2014

Зборот „haute“ во превод значи висок, елегантен, а неговото дополнување - „couture“, значи шиење. Комбинацијата од двата збора го претставува она спротивното од „pret – a – porter“ (веднаш нослива) мода, која пак се произведува во стандардни величини и е достапна во бутиците ширум светот.

Ели Саб Ели Саб

Имено, „haute couture“ модата се произведува во лимитирани количини и исклучиво по мерка на клиентите што ги нарачуваат. На еден модел обично се трошат и по десетина метри од најдобрите и најквалитетни материјали во светот, а она што ги прави посебни парчињата од колекцијата е тоа што целокупната изработка мора да биде рачна и истата бара неброени часови работа.

Со самото тоа овие модели имаат вртоглаво високи цени, што се движат од 30.000 евра, па нагоре. Сите колекции на светски познатите дизајнери се презентираат исклучиво на пистите во најважните модни центри во светот, како што се Париз, Милано и Лондон.

Францускиот моден дизајнер Чарлс Фредерик Ворт е оној кој всушност прв го употребил „haute couture“. Денеска терминот „висока мода“ е заштитен во Франција и можат да го користат исклучиво оние компании и модни куќи што ги исполнуваат нормите на организацијата „Chambre syndicale de la haute couture“, а тоа значи:

- Да се членови на организацијата

- Да имаат ателје во Париз со најмалку 15 постојано вработени

- Два пати годишно да претстават колекции од по најмалку 35 модели дневни и вечерни уникатни парчиња облека

Во целата модна индустрија не постои ништо толку креативно, магично и луксузно како што е високата мода.

Оваа форма на уметничко изразување на дизајнерите е осмислена така што на сите треба да им ја разбуди имагинацијата, да предизвика воодушевување и почит кон дизајнерите. Токму тоа го направија и некои од дизајнерите на последната париска недела на висока мода.

Зухаир Мурад висока мода 2014 Зухаир Мурад висока мода 2014

Совршени беа буквално сите модели на одличниот Ели Саб кој уште еднаш прикажа неверојатно изработена колекција на раскошни и елегантни фустани за следната сезона. Нешто слично направи и Валентино кој со својата неверојатна нота на мистичност во моделите ја предизвика женската имагинација и потреба за раскош и луксуз. Покрај нив, колекциите на Шанел, Версаче, Армани и Диор беа создадени директно од рацете на најдобрите мајстори и уметници и истите оставија парчиња за паметење и восхит.

На овогодинешната писта беа презентирани и колекции чие место апсолутно не беше за на париската недела на висока мода. Една од многуте беше колекцијата на Виктор и Ролф во која беа прикажани минималистички парчиња за балерини и танчерки кои изгледаа како да се создадени буквално за неколку минути и кои дефинитивно не се дел од високата мода.

Виктор и Ролф Виктор и Ролф

На истите не можеше да се види сета онаа грациозност и луксуз како што тоа беше случај со останатите колекции.

Токму поради тоа се оправдува и тврдењето од се повеќе луѓе во модната индустрија дека во последните неколку години, уличната и брзата мода го преземаа водството, а раскошот и елеганцијата ги потиснаа во втор план. Луѓето се повеќе купуваат евтина облека што се продава на куп, а елегантните, квалитетни и луксузни парчиња можат да се видат само на модните недели.

Според тоа, сосема се оправдува и фактот што продажбата на раскошни тоалети драстично опадна во последните неколку години. А и како не би се случило тоа, кога цените на креациите достигнуваат суми од 50 до 500, па и повеќе илјади евра, а тоа значително го стеснува кругот на луѓето што можат себеси да си дозволат таков луксуз. Ова влијаеше и на голем број модни дизајнери да престанат од претставување на своите креации на неделите на висока мода и истите да ги прогласат за неисплатливи.

И големиот Оскар де ла Рента ги изненади своите обожаватели велејќи дека креациите од високата мода станаа ирелевантни.

„Купувачите се паметни и знаат дека венчаницата од 10.000 долари може да изгледа како и онаа од еден милион. Можеби не би била толку добро сошиена, но кој всушност ќе го забележи тоа?“, изјави де ла Рента.

Од сето ова може да се заклучи дека раскошните ревии им служат на дизајнерите како маркетиншко оружје со кое го одржуваат публицитетот на модните куќи.

Сепак, високата мода е уметничка дисциплина за која дизајнерите се свесни дека нема да им донесе профит, туку начин на кој може да ги докажат своите професионални дизајнерски способности.

Објавено:
23 јануари 2014
Категорија: 
Стории