Модниот свет на Готје- од тротоар до модна писта

28 април 2014

Во прочуената лондонска арт галерија Барбикен посетителите овие денови можат да уживаат во изложбата посветена на креациите на францускиот дизајнер Жан Пол Готје. Со 165 експонати, поставката насловена „Модниот свет на Готје- од тротоар до модна писта“ претставува ретроспектива од четири децении работа на дизајнерот кој овој месец полни 62 години. После тригодишното патување низ светот, откако премиерно изложбата беше поставена во Канада, Готје одлучи поставката од својот дизајнерски труд да ја постави и во Лондон. Како што изјави за странските медиуми, посебно е возбуден поради лондонската изложба, зашто градот го доживува како свој втор дом после Париз и што му е најважно, Лондон му е извор на инспирација. Покрај препознатливиот стил на дизајнерот и изложбата е помалку нетипична. Куклите не се стандардни туку предимензионирани, поставено е посебно светло и доминираат костимите изработени за наменски прилики. Изложени се фустани, машки здолништа, модели од почетокот на кариерата од 1976 година, а меѓу експонатите е и корсетот специјално дизајниран за Мадона, кој таа го носеше на турнејата „Blond Ambition“ во 1990 година, како и оние што кралицата на поп музиката ги носеше на турнејата „Confessions“. Освен креациите за Мадона, изложени се и оние изработени за пејачката Кајли Миног, ексцентричниот Мерлин Менсон, пејачот на групата „Gosip“, Бет Дито, костими од филм на Педро Алмодовар, како и такви од познатото филмско остварување „Петтиот елемент“.

Инаку, како дваесетгодишник, без формално образование за мода, Готје ја почнува кариерата во 70-тите, така што праќал модни скици до реномирани франциски модни куќи. Иако потекнува од сиромашно семејство, тој останува упорен во остварување на амбициите. Забележан од Пјер Карден, Готје се вработува и тоа се годините кога првпат патува за Лондон. Доколку патувате во Лондон, а сте љубители на модата и уметноста дефинитивно треба да ја погледнете оваа импозантна изложба која ќе биде отворена се до 25-ти август.

Објавено:
28 април 2014
Категорија: 
Култура