Животот и делото на Вирџинија Вулф на изложба во Лондон

11 јули 2014

Националната  галерија во кралската престолнина Лондон  ја отвори изложбата: „Вирџинија Вулф: креативност, живот и визија“. Изложбата го прикажува животниот пат на писателката опфаќајќи ги детално нејзините почетоци во литературата, патот и насоките по кои се движеше и ја градеше својата писателска кариера и посветеноста кон феминизмот.

Изложбата  вбројува фотографии и цртежи, ретки архивски материјали и лични предмети, вклучувајќи го и писмото на Вирџинија Вулф упатено до нејзината сестра Ванеса Бел, кое таа го напиша непосредно пред нејзината смрт.

Животот на Вирџинија Вулф го одбележуваат портрети насликани од неколку уметници меѓу кои како најубави се сметаат делата на Данкан Грант и Роџер Фрај.

„Вирџинија Вулф, една од најголемите британски писателски на сите времиња, одигра клучна улога во развојот на модернистичката литература на XX век. Задоволен сум што токму во оваа галерија се постави изложбата посветена на животот и делото на една ваква маркантна личност во британската историја“ изјави на свеченото обраќање Сенди Наирн, директор на Националната  галерија.

Изложбата ќе биде отворена за сите оние што сакаат да ја посетат од 10-ти јули се до 26 октомври оваа година.

Објавено:
11 јули 2014
Категорија: 
Култура