Решете ја вашата дилема – Купување или изнајмување венчаница?

27 јуни 2013

Едно од примарните прашања кога се одлучува за венчаница е: дали ќе ја купите или изнајмите?

Модните куќи ,ателјеа и салони, веќе одамна нудат поволности за сите оние клиенти невести, кои поради финансиски или други причини не се во можност да носат венчаница изработена специјално за нив. Изнајмувањето на невестинскиот фустан е една од варијантите која секоја невеста ја разбира од различни аспекти, кои имаат своја позитивна и негативна страна. Земено во обѕир дека во венчалниот фустан ќе поминат само неколку часа, ќе платат помала сума отколку да ја купат,  а по церемонијата ќе ја складираат и никогаш нема да ја облечат, идните млади често размислуваат за она што е практично па фустанот го изнајмуваат. Меѓутоа постојат и такви што имаат желба венчаницата да ја зачуваат како спомен од тој  „голем ден“, па да се одлучат за купување. Сепак, венчавката е еден од најважните денови во животот и за многумина треба да се почне со чиста енергија во новата животна фаза.

Околу дилемите за тоа на каква варијанта да се пристапи, изнајмување или купување, улогата на цената при изборот, квалитетот и уште низа прашања на кои идните невести се во потрага по одговори, Fashionel ви нуди совети и решенија од модните салони на „Елена Лука“ и „МCouture“ на Мила Кадриу, кои се едни од најактуелните кај невестите кога станува збор за изработка на наменски фустани од таков вид.  Уникатноста на венчаниците како дизајнерска форма е меѓу најчестите изработки на модната куќа „Елена Лука“.

Голем број невести својата замисла за венчален фустан ја гледаат токму во дизајнот на овој бренд кој досега ги исполни желбите и ги реши дилемите на оние кои одлучиле венчалниот процес да го споделат со нив. Елена Пандева- Китрозоска за идните невести посветено одговара на дел од нашите прашања, зашто според неа процесот на создавање венчаница е вистинска бајка исполнета со многу емоции.

-Како што се модерни девојките пред да го облечат невестинскиот фустан, така и како невести одлични се за соработка нашите почитувани клиенти невести. Вистинска бајка се случува во процесот на создавање на венчаниците. Отворени се за соработка и сугестии од дизајнерските венчални решенија на „Елена Лука“. Процесот на создавање венчаница и целокупната комуникација со идните невести е навистина оригинален период кој останува запишан не само во архивата на работата на „Елена Лука“, туку и во нашите души како тим за уште една специјална благословена соработка. Многу среќа има во цела таа комуникација додека венчаницата се создава, многу емоции, секогаш насмевки, позитивна неизвесност и позитивни коментари од идната невеста и блиските околу неа, вели Елена.

Таа додава дека иако изнајмувањето е модерен и практичен облик, сепак според досегашното нејзино искуство, невестите избираат да го купат фустанот и да го имаат засекогаш како спомен од тој ден.

- „Елена Лука“ располага со асортиман на венчаници за продажба и за изнајмување. Повеќе од 80 проценти од невестите се одлучуваат за создавање сосем нова венчаница, направена исклучиво по сопствени мерки, на која понатаму се надоврзува и типот и организацијата на целата венчавка. Најчесто венчаницата е водилка за типот на прославата по боја и стил. Изнајмувањето на венчаница се прави најчесто во случај кога венчаницата што е избрана е со потпис на „Елена Лука“, и е високо ексклузивна. Тоа се специјално изработени венчаници кои изгледаат оригинално или имаат специфична боја и не се класично дизајнерско венчално решение. И уште почесто кога се нема време и простор за да се создаде нова наменска венчаница за идната невеста од оправдани причини, објаснува Елена.

Нејзиниот став го дели и дизајнерката Мила Кадриу, која потенцира на уникатноста на невестинскиот фустан.

-Кога станува збор за венчаници, сите стилови се барани, тоа зависи пред се од желбата на невестата и нејзината замисла како сака да изгледа. Најчесто се следат и најновите модни трендови и секако дизајнерско решение од моја страна за да дојдеме до конечен модел. Најактуелни оваа сезона се романтичните фустани од тантела и тоа во А линија, тоа што се бара е едноставна, но раскошна и елегантна венчаница. Многу е мал бројот на клиенти невести што сакаат да изнајмат венчаница, најголемиот број си ја сакаат венчаницата од соништата, изјави Кадриу.

Според искуството на професионалците, изнајмувањето на венчаницата се случува многу поретко од купувањето. Цената, времето за изработка и специфичниот венчален концепт, играат голема улога при носење на одлуката.

- Кај нас се уште нема традиција за изнајмување венчаници. Македонската невеста во основа нарачува нова венчаница за изработка и добро е што тоа е така. Без оглед на економската состојба во Македонија, секогаш има можност „од-до“ финансиски распон за создавање венчаница од соништата. Цената игра улога во изборот на венчаницата секако, меѓутоа секогаш постојат опции „Елена Лука“ да се вклопи во наменетиот буџет за венчалниот фустан. Во тој случај ја наоѓаме секогаш најсреќната варијанта за изработка на фустанот кој секако ќе биде уникатен за прифатлива цена.

Инаку, редовно дискутираме и на темите од типот на вклопување додатоци, вел, висина на потпетици, накит, став на носење на венчаницата, фотографија или дискусија околу целосниот концепт на венчавката од генерален аспект, изјави Елена.

Таа дополнува дека денешните млади делуваат заеднички околу венчалниот изглед, па во нивната модна куќа се случува да изработат и венчаница и костим за младоженецот.

-Многу често изработуваме и костим за младоженецот ако сметаме дека тоа е неопходно поради специфичниот венчален имиџ на невестата. Тогаш работиме на невеста и младоженец со посебен моден концепт и создаваме посебна венчална стилска приказна. Се радувам што нашите невести се луѓе кои сакаат да соработуваат и веруваат на професионалноста и оригиналноста на модните дизајни на „Елена Лука“. Крајниот резултат секогаш е модерна и урбана невеста која се чувствува удобно дури и во својата најраскошна венчаница на „големиот ден“, што всушност е и најважно, вели Елена.

Кадриу околу овие венчални нејасности и дилеми вели дека цената има улога при одлуката но, не толку важна колку онаа дека невестата по секоја цена сака да има сопствен фустан.

-Цената секако игра улога во изборот на венчаницата но свадбите спаѓаат во категорија на настани кои се планираат со време и за тоа се одвојува буџет. Повеќе се бараат венчаници со просечна цена, многу поретко скапи венчаници, најважно е да се од квалитетен материјал, врвна изработка, и крој. Изнајмувањето мислам дека произлегува колку од финансиски аспект толку и поради практични причини, но сепак повеќето невести се одлучуваат да си ја чуваат венчаницата во плакар, додава Мила.

Токму со оваа проблематика периодов е преокупирана и водителката Здравкица Билбиловска која во месец септември ќе има свадба, но се уште не одлучила на која варијанта ќе и пристапи. Причината за тоа е нејзината блажена состојба која не и дозволува предвремени планови.

-Искрено ми се допаѓа тоа што може да се изнајми венчаница, бидејќи е за една употреба и без врска е да стои со години во плакар, но од друга страна, доколку е купена, секоја невеста ќе се чувствува многу поопуштено бидејќи е нејзина и не треба да ја враќа.

Зашто за некој месец и јас ќе бидам невеста, мојот избор е ограничен поради бременоста и ќе морам специјално да ја нарачам за изработка. Морам да признам дека од толку голем избор не можам да се одлучам каков модел сакам да носам и многу сум преокупирана. Како и да е, ќе морам да се прилагодам на состојбата и да се чувствувам лесно и пријатно. Фустанот го замислувам со едноставна тантела, нема да претерувам со финансиите за тоа, бидејќи сумата не е најважна туку изведбата на моделот,рече Здравкица.

И за крај се надеваме дека дизајнерските совети во продолжение ќе ви помогнат да се одлучите во пристапот и да уживате во фустанот и сопствената венчавка.

Девојки! Создавајте ги вашите венчаници од соништата специјално изработени само за вас, од концепт до изведба со одлични материјали. Нека остане новата венчаница едно сведоштво и спомен за вашата неизмерна среќа и убавина на денот на венчавката. Изнајмувајте само кога немате време за изведба на нова, искрено ви порачуваат дизајнерите.

 

Објавено:
27 јуни 2013
Категорија: 
Стории