Кејт Мос и Кара Делевињ за прв пат во заедничка кампања за новиот парфем на Барбери!

2 септември 2014

Конечно, двете најактуелни имиња во светот на модната индустрија се споија за да ја снимат новата заводлива кампања на брендот Барбери за нивниот последен парфем.

Како што и се очекуваше, конечно се случи и првиот заеднички едиторијал на единствената Кејт Мос (40) и на, во моментов, најактуелната британска манекенка Кара Делевињ, 22.

За снимањето на кампањата за новиот, одличен парфем наречен едноставно „My Burberry“ и двете манекенки ги носат добро познатите и секогаш модерни дождовни капутчиња од брендот во комбинација со сандали во иста боја.

Сосема очекувано, фотосесијата ја направи големиот Марио Тестино кој овојпат се одлучи за неколку едноставни фотографии во црно – бела варијанта.

Она што е особено интересно и очекувано, е тоа што манекенките во неколку наврати се појавуваат разголени под култното капутче на брендот, но и како си шепотат при што изгледаат навистина неодоливо.

„Кејт има еден навистина неповторлив стил и смисла за хумор. Ние сме се сретнале неколку пати претходно, па знаев дека ова снимање со неа ќе биде вистинска забава, а и дека фотографиите ќе бидат одлични. Отсекогаш сум и се восхитувала на Кејт, многу ми е мило што имам можност да работам со неа“, изјави Кара.

Новиот парфем на модната куќа го создаде креативниот директор Кристофер Бејли, а истиот е сензуална ода за жените обожавателки на брендот и нивните култни модели.

За прв пат, модната куќа на нејзините обожаватели и сите оние што ќе сакаат да си го купат парфемот, ќе им овозможи преку нивната веб страница или во одредени продавници, да си ги изгравираат сопствените иницијалите на самото шишенце.

„Овој парфем е вистинско олицетворение на она што всушност претставува нашиот бренд – во поглед на мирисот, дизајнот и ставот. Парфем што има потекло од иконското Барбери капутче, дефинитивно мора да биде извонреден во секој поглед“, вели Кристофер.

Објавено:
2 септември 2014
Категорија: 
Сцена