Шминкерски трикови што ќе ги сокријат вашите години!

16 септември 2014

Веќе знаеме дека не постои некое магично стапче со кое ќе можеме да го запреме времето, а со тоа и нашите години, па соодветно на тоа, мора достоинствено да старееме. Понекогаш, се случуваат моменти кога навистина сакаме да ги покриеме оние неколку брчки што годините ги донесоа на нашето лице или пак спуштените капаци на очите со некоја прекрасна и соодветна сенка. Во продолжение, прочитајте неколку корисни трикови за тоа како да ги сокриете вашите години преку уникатна шминка и со тоа да си влеете поголема самодоверба, тогаш кога ќе ви биде потребна!

Визуелно зголемете ги усните

Нанесете молив за усни во иста боја каква што имаат и вашите усни по надворешната линија, но и по самата површина на усните. На тој начин, визуелно ќе ги зголемите усните, а истите нема да изгледаат неприродно. Средниот дел истакнете го со сенка во боја на шампањ, а потоа целите усни премачкајте ги со сјај без боја. Доколку не сте љубител на нежни бои, црвената варијанта на кармин секогаш е сигурен избор!

Истакнете ги јаболчниците

Високите и полни образи се сон на секоја жена, но не секој е благословен со остварување на истиот. Но, не грижете се. Тука се коректорот, пудрата и руменилото со кои секогаш можете да си играте. Под коската на образот, нанесете две нијанси потемна пудра од кожата, а точно на површината на јаболчниците, нанесете пудра или коректор во две посветли нијанси од кожата. Одозгора, нежно поминете со розово или крем руменило и уживајт во блескавата убавина!

Направете си природен „лифтинг“ на очните капаци

Со текот на времето, кожата кај очните капаци се опушта и почнува да се спушта надолу. Во тој момент, она што вие треба да го направите е да си поиграте со формата и обликот на веѓите. Дефинираните веѓи му даваат убав облик на вашето лице, а уште подобро ќе ги истакнете очите и ќе ја занемарите спуштената кожа кај капаците, доколку на истите нанесете малку посветла, бела сенка или сенка во боја на шампањ. На тој начин, визуелно и ќе се израмнат очните капаци и ќе изгледате неверојатно свежо.

Потенок нос

Бронзерот без сјајни честички визуелно ќе го истенчи вашиот нос, а на деловите кои сметате дека треба да се прошират, нанесете коректор во посветла боја.

Објавено:
16 септември 2014
Категорија: 
Убавина