Џована Батаља: Дамата која успешно репризира парчиња во премиерни изданија

17 септември 2014

Замислете го италијанскиот темперамент редефиниран во смело експериментирање со модата и ќе го добиете плакарот на познатата италијанска модна уредничка и стилистка, Џована Батаља.

Амбициозно ги отвори вратите на модниот универзум како модел на луксузниот бренд Долче и Габана, за во 28-та година  од својот живот да направи транзиција од другата страна на модната сфера и сериозно се зафати со улогата на моден уредник и стилист.

Дека целиот нејзин животен стил, што ги спојува професионалниот и приватниот живот, се врти во еден безграничен моден круг, е и нејзината долгогодишна врска со синот на поранешната уредничка на францускиот Вог, Карин Ројтфелд, Владимир Рестоан-Ројтфелд. Во моментов со него живее во Њујорк и работи за модниот магазин W.

Џована важи за револуционер во модната индустрија, во однос на храброто дефинирање на нејзиниот личен моден идентитет независно од тенденциските влијанија.

Па така, може да ја видиме со исто парче во тотално различна конотација, успешно репризирано во премиерни изданија.

Највпечатлив предзнак на нејзиниот стил е превземањето ризик кој за неа секогаш се исплати. Спротивно на клишеата и моменталните тенденции, таа ужива во експериментирањето со формите, спојот на принтовите и миксот на различните стилови кои апсолутно го креираат нејзиниот уникатен имиџ, па така Џована истовремено е и елегантна, урбана, дама, дива, едноставна.

И на крајот од денот, по темпераментното и динамично превеземање на моден ризик, нејзиниот стил се сведува на минимализам.

 

Објавено:
17 септември 2014
Категорија: 
Модна икона