По се' изгледа дека парижаните не заборавиле дека сексот се' уште продава, па не изненадува фактот што Ентони повторно е ставен на самиот почеток на модната манифестација.
Ова е второ шоу на дизајерот за иста сезона. За време на модната недела во Њујорк го гледавме неговиот дизајнерски израз низ призма на Версаче, а сега на самиот старт на Париската модна недела имаме можност да видиме креации под негова етикета.
Колекцијата вклучува дизајни во морнарски стил, како тегет јакничка без ракави со принт од морнарско сидро, целосно или до папокот откопчани кошули со сино-бели линии, што доволно укажува дека дизајнерот за сезона пролет-лето 2015 инспирацијата ја нашол во морето. Мини дијагоналните секси здолништа се парчињата за кои нема сомнение дека се со потпис на дизајнерот.
Но, највпечатливите дизајни се всушност парчињата облека со испечатени големи пластифицирани букви, ласерски исечени и залепени на облеката. Овие дизајни цврсто го обвиткуваат торзото, а се инспирирани од бродските знамиња кои на ист начин се замотуваат околу јарболот. Вакарело изјави дека за дизајнот на големите букви бил делумно инспириран од многубројните протести во Франција, а делумно од уметникот Ричард Принц. На дел од нив го има името на дизајнерот, додека на други пишува „пролет“, уште една воочлива асоцијација на сезоната што ја претставува.
Во продолжение погледнете ја комплетната колекција на Ентони: