Светот им припаѓа на храбрите – Елена Лука фасцинираше со моден перформанс од светски ранг

2 октомври 2014

Македонската мода вчеравечер ја почувствуваме  на еден поинаков начин. Достојно, моќно, драматично, театрално, светски, на ниво на нова модна религија!

Токму кога нашите сетила беа максимално „изострени“ од ревиите на големите модни имиња од светските модни метрополи Њујорк, Лондон, Париз и Милано, на сосема близок и директен начин го почувствуваме полниот и сеопфатен моден концепт што може да го понуди современ и високо етаблиран моден бренд, но со македонски печат, а истиот несебично да се вбори и прифати класи погоре од напредокот за македонската мода.

Кога под името на Елена Лука се соединуваат театарот, модата и мултимедијалниот уметнички микс, се создава драма која ги менува стандардите и принципите во чувствувањето на модата.

Модниот перформанс на Елена Лука  со кој беше промовирана новата колекција „ELigion“ за актуелната сезона, есен-зима 2014/15, креираше една досега несогледана димензија на македонската мода. За прв пат имавме можност да ја видиме сцената на театарот низ призмата на модата, а кога тоа ќе го почувствувате преку сите сетила, тогаш е доволен доказ дека било вистинското време, место и вистинскиот бренд.

Сите присутни имавме привилегија да уживаме во импозантен спој на театралниот перформанс, иновативниот моден дизајн, современата технологија и оригиналната идеја,  кои на еден пониаков начин оставија допир помеѓу публиката и новата модна визија на брендот за актуелната сезона.

Секогаш надминувајќи ги ограничувањата на стандардите и клишеата, Елена Лука и овој пат создаде неконвенционална сторија на сите нивоа: и од аспект на сценографијата, одбраната локација, комплетниот амбиент, музичката позадина и секако оној најзначајниот момент-новата колекција „ELigion“.

Инспирирана од идејата да се создаде нова „модна религија“ која ќе биде нослива уметност, „ELigion“ фокусот го насочува кон спојот на различни стилски сензибилитети, сплотени во профилот на  една драматична и впечатлива, истовремено моќна и доминантна, авторитетна и мистична жена, која е доволно храбра да се впушти во една модна авантура низ различни стилски правци, со еден заеднички предзнак: визуелна впечатливост.

„ Елена Лука секогаш се води по силната и моќна жена, а овој пат во колекцијата „ELigion“ исто го подвлековме и на некој начин го дефиниравме. Секогаш ќе биде присутна таа сила на жената прикажана преку оригинална конструкција, изборот на префинети материјали, односно се што го поврзува модерниот и современ комплетен моден производ, тоа е она по што е препознатлива Елена Лука“, непосредно по завршувањето на ревијата, изјави жената која е заслужна за целиот идентитет на Елена Лука, главниот менаџер Елена Пандева.

Елена Пандева, генерален менаџер на модниот бренд Елена Лука Елена Пандева, генерален менаџер на модниот бренд Елена Лука

Континуитетот во замислата е остварен  преку изборот на доминантната црна боја облагородена со златни преливи и нијанси, што создава силен идентитет на секое парче поединечно и го носи препознатливиот сенс на дизајнот на Елена Лука, но со нова урбана нота дефинирана покрај другото и преку футуристичката нишка во креирањето на формите и трендовскиот микс на различни типови материјали и ткаенини. Па така видовме релјефен спој на еко-кожа со еко- крзно или богата, деликатна тантела комбинирана со транспарентна свила, а во неколку наврати, пријатно не’ изненади модифицираната примена на мрежата која и покрај тоа што е крут материјал, беше до толку генијално и суптилно „сплетена“ во целата замисла што постигна елегантен и женствен ефект.

Педесетината модели буквално беа ставени под „заедничка капа“, односно секој изглед посебно беше финиширан со крзнени, рачно дообработени капи  инспирирани од „боб фризурата“ како заеднички пресек и заеднички симбол  на целата колекција, па така половично лицата на сите манекенки беа прикриени со дел од капата, укажувајќи на тоа дека преку сокриениот идентитет на манекенките, всушност оваа колекција и’ е посветена и и’ припаѓа на секоја жена!

„Модата е пред се’ уметност, ако тоа не постои во процесот на создавање тогаш нема да се појави вистинскиот ефект, но ние го работиме токму она што се вика уметноост и ќе продолжиме токму во таа насока. Секогаш сме подготвени за предизвици од новите форми што ги карактеризира високата мода“ додава Елена Пандева.

Од рокерски- шик до театрални гламурозни и волуменизирани форми, класични и женствени, екстравагантни и ексцентрични, спектарот на стилските дефиниции е богат и е раскажан преку впечатливите и топли бунди, елегантните фустани  збогатени во дизајнот со деликатна тантела, палетата со релјефна распределеност на материјалите,  обработено крзно во композиција од спој на апликации, мрежа и патенти  кои беа перманентна нишка во комплетната слика...

Специјално изработените чанти кои го усовршуваа комплетниот визуелен печат, беа во квадратни форми кои наликуваа на кутии полни со фантазија, сите со златни рачки и обложени со еко крзно и еко кожа во црна и бела варијанта, збогатени со сјајни, металик преливи.

Моќните жени на сцена чекореа во чизми изработени од висококвалитетна италијанска кожа. Видовме неколку различни модели од високи до колена, рачно обработени особено со акцент на делот со плетената техника и контарстот со златно обоената кожа, до такви до глужд, со висок сјај и контурирани со златен лак.

„Бидејќи од минатата колекција првите аксесоари специјално изработени и потпишани од Елена Лука се покажаа одлично,  по истиот принцип од изборот на квалитетни материјали ветуваме и понатаму парчиња по светски терк“ кажа Елена во однос на продолжената традиција од минатата колекција, целата замисла да се финишира со чанти и чевли потпишани од Елена Лука.

Магичниот моден круг го затвори венчаница која создаде фикција како да лебди на театраската сцена благодарение на лесниот и минималистички дизајн.

„Кога сакате да направите нешто ново и интересно мора да постои некаков ризик, моќна е сцената и целиот тој аудиторум и нормално е многу поразлично од писта. Но ете, верувам успешно го прифативме предизвикот кој ни го постави огромната сецна од театарот“ заврши Елена Пандева во својата ексклузивна изјава за Fashionel.

Внимавајќи да ја претстави целосната имагинација што треба да ја прикаже издржано модно шоу поставено на голема театарска сцена која бара многу,  „ELigion“ без сомнение припадна како во рамките на моден спектакл така и на модно- театарски перформанс. Не случајно надвор од сите класични модни случувања, оваа ревија аргументирано покажа дека е зрела да застане на сцена од рангот на светската мода!

За импресиите на многубројните гости кои имаа привилегија да ја проследат ревијата, ќе читате во следните содржини на Fashionel.

На наше огромно задоволство, вчеравечер имаме можност да вкусиме дел од врвните вина на Винарската визба „Тиквеш“. Уживавме во белото вино Гренаж Бланк и црвеното Мерло, двете од линијата Special Selection.

 

Објавено:
2 октомври 2014
Категорија: 
Колекции