Какви парчиња може да очекуваме во продажните салони за идната сезона?

9 октомври 2014

Иако ваквиот тренд е посакуван за обичниот купувач, сепак е убиствен феномен за модните куќи кои мака мачат креациите да ги лансираат кај купувачите, поради големиот број копии кои кон крајот на ноември веќе ќе се продаваат низ разни бутици насекаде во светот.

Во модниот фокус сезона е спортската елеганција, а тоа можеше да се забележи како на модните ревии, така и во однос на уличните стајлинзи. Односно, Александар Ванг акцент стави на патиките за трчање, Проенза Скулер ги претстави „колеџ“ маиците и поло јаките, а Пако Рабан, моментално најдобрата париска сензација под водство на некогашниот прв асистент Никола Гескер, го најави неопренот како главен материјал во однос на асиметричните полуголи топови. Сестринската двојка Родарте лансираше неколку модели на спортски јакни. Токму затоа, да не бидете изненадени доколку видите девојка облечена во спортски топ, плисирано здолниште и чевли со висока потпетица.

Доколку сакате да ја истакнете силуетата на вашето тело, но сепак повторно да се негува спортската елеганција, тогаш ви ги препорачуваме колекцијата на Марк Џејкобс која е со војнички предзнак, Изабел Марант со строгите дизајни инспирирани од јапонската култура и спојот на војничкиот стил со јапонските мотиви и богатство од волумен во колекцијата на Салваторе Ферагамо.

Сепак, најголем тренд оваа сезона е токму тантелата. Од црната сензуална тантела на Рикардо Тиши за Живанши, па се до феноменалната Sacaia, каде дизајнерката направи спој на деликатна тантела со воени мотиви. Овој материјал беше дел и од сакоата на Вера Ванг, а Албер Елбаз ја искористи тантелата како главно оружје во својата колекција.

За крај го оставаме трендот кој е наменет за најхрабрите девојки. Прада, Миу Миу и Луј Витон дефинитивно знаат да ја слават женската сензуалност и тоа преку комбинација на кожени и PVC здолништа, кожени капути, романтични кошули и детали кои асоцираат на Источна Европа за време на студената војна. Бидејќи се работи за комплексни парчиња облека, сигурни сме дека многу помал број на бутици ќе се осмелат да стават акцент на нив во однос на продажбата.

Сепак, колку и да звучи привлечно ваквата понуда за сите оние со помали финансиски можности, потребно е да се прави разлика меѓу квалитет и квантитет, а исто така и да се биде внимателен при изборот на последните трендови кои сакале или не, не можат на сите да им стојат подеднакво убаво. Модата е сфера каде постојано се наметнуваат нови трендови и затоа дегустацијата на истите здосадува поради лесното и брзо конзумирање. Токму затоа, изградете уникатен и свој стил кој нема да биде ничија копија и следете ги модните трендови во однос на сопствениот вкус и потреби.

Објавено:
9 октомври 2014
Категорија: 
Стории