Следниот понеделник ќе се случат долгоочекуваните Британски модни награди, а последните информации се дека токму Џон Галијано ќе и ја додели наградата на Ана Винтур за исклучителни достигнувања во светот на модата.
Новиот креативен директор на Мезон Мартин Марџела и поранешниот „мозок“ на Диор, се очекува да се појави на сцената и да и го додели признанието на првата дама на американски Вог, со што уште еднаш ќе биде посочено на нејзиното огромно влијание и придонеси во модната индустрија.
„Како една од најуспешните британски жени, нормално е да се слави работата на Ана Винтур и нејзините неверојатни постигнувања во светот на модата и во Лондон пред сѐ“, изјави портпаролката на Британскиот моден совет Натали Масенет.
Претходни добитници на ова исклучително признание беа Маноло Бланик, Пол Смит, Александар Меквин и Џоан Бурстен.
Она што привлече особено внимание околу настанот е појавувањето на Џон Галијано на доделувањето на наградите, во пресрет на неговата прва колекција за Мезон Мартин Марџела за пролет 2015 – та година.
Галијано во 2011 година беше суспендиран од неговата матична куќа „Диор“ поради антисемитски и расистички навреди.