Нина Бадриќ: Фасцинирана сум од македонскиот дизајн

26 ноември 2014

10743790_4712015936415_1459151015_n

Македонскиот радиски фестивал МАРС, што се одржа во Универзалната Сала, беше можност македонската публика да ја види и хрватската пејачка Нина Бадриќ.

Сепак, музиката не беше единствена активност на пејачката. Бадриќ е позната како голем љубител на модата, а доказ за тоа се и бројните соработки со дизајнери од регионот и брендови за убавина. Пејачката во оваа пригода одлучи да ги посети салоните на Елена Лука и одблиску да се запознае со она што го нуди овој бренд. Fashionel ја искористи можноста да позборува со Нина  малку повеќе на тема мода, како и да ѝ открие на македонската публика нешто повеќе за ѕвездата.

- Воодушевена сум. Кога ме контактираа преку сајтот видов дел од работите, но морам да признам дека не може да се спореди со тоа што го гледам во живо, па мораа да ме донесат овде (се смее). А сега не можат да ме извадат од него (се смее).  Пронајдов за себе многу фустани, капути, преубави работи. Мислам дека овде е најдобриот шопинг во Скопје – изјави пејачката, која во оваа пригода го избра и фустанот со кој што настапи на фестивалот.

Таа додаде дека малку ја познава македонската мода, за што жали, бидејќи многу ретко доаѓа во Македонија. Пејачката ја пречека и сопственичката на модниот бренд, Елена Пандева, која не ја криеше возбудата:

-Премногу сум возбудена затоа што и приватно  Нина премногу ја сакам и ја следам одамна. Интуитивно знаев дека кога-тогаш ќе се случи некоја соработка, средба со таа голема хрватска ѕвезда.. Многу ја почитувам и како човек, уметник, сензибилитет, како некој што ја познава модата и за мене е чест што ја одбра токму Елена Лука од Македонија како бренд со кој што ќе соработува.  Моделите најмногу ги биравме по нејзиниот сензибилитет... Пробавме неколку варијанти, многу ми беше важно и мислењето на Нина... Наше беше да препорачаме тоа што сметаме дека најдобро ќе ѝ прилега, по што сметам дека одлично ги синхронизиравме вкусовите со Нина, така што а направивме одличен избор за настапот- изјави Пандева.

Во однос на трансформациите што ги доживувала низ годините, убавата Хрватка призна дека стилот не ѝ бил отсекогаш совршен :

-Порано мислев дека што повеќе имаш на себе, тоа подобро. Мислев дека жената е привлечна ако повеќе се кити, но на крајот, низ годините научив дека повеќе е помалку. Сега мојот стил е многу прочистен, основата е класика, со детали со кои ќе „разбијам“.  Затоа ми се допаѓа и се ова што го видов овде, се пронаоѓам. Едноставни работи со интересни кроеви – вели Нина.

Сепак, и покрај големата љубов кон модата, пеењето го има приматот и никогаш не било доведено во прашање:

-Да не сум пејачка, не знам што би била. Во мојата глава никогаш не постоеше двоумење. Јас сум среќничка бидејќи од мала можеби не знаев која сум, но знаев што ќе бидам. Што се однесува до модата, јас многу ја сакам, и никогаш не се знае. Никогаш не е доцна да се размислува и во таа насока. Јас сум многу темелна личност, па кога би се посветила на тоа, тогаш би морала сè сама да правам, да бирам материјали, модели и слично...Понекогаш кога имам време, знам да искреирам по нешто за себе, но најчесто се препуштам на брендовите како Армани, Диор, Долче и Габана.  Низ годините научив дека реченицата „Не сум доволно богат да купувам неквалитетни работи“ е вистина. Порано одев на шопинг и купував 15 работи, што се распаѓаат многу брзо од носење, бидејќи не се квалитетни. Вака, ќе купиш од време на време некое добро парче, ама ќе ти трае со години, а можеш да го надоградуваш со детали – смета пејачката.

Нина има две сестри, една помала и една постара, па на прашањето како е да се биде средно дете во семејството вели:

-Па, незгодно. Секогаш се бориш за некое свое место. Не си прва љубов, а не си ни миленичка, најмалата што сите ја „штипкаат“, туку си некој што имал малку внимание, а веќе дошло ново дете. Златна средина или средна жалост. Јас излегов златна средина. Прекрасна работа е да имаш браќа и сестри, семејство. Тоа е непроценливо.

На „Евровизија“ пред две години настапи со песната „Небо“, па ја прашавме, кога небото е граница:

-Небото е граница во своите мисли, душа... Самите на себе си поставуваме граница... Мислам дека животот е одлука, со малку среќа, дека едноставно, ако самите се ограничиме на некои работи, така и ќе се сакаме и водиме самите.

Во нејзините песни главна тема е љубовта, а не е ни чудо бидејќи за Нина љубовта е сè.

-Љубовта е смисла на животот, во сè. Не нужно љубов помеѓу маж и жена.  Ако не го работиш тоа што го сакаш со љубов, ако го живееш животот без љубов, не може, не е добро... Ако сè во што се впушташ е со пола енергија, на ништо не се радуваш, ако нема страст, тогаш животот не го живееш воопшто. Љубовта е таа што те крева, а како круна, љубов над љубовите е родителството...Тоа можам да го видам по моите пријателки и пријатели, кои едноставно засекогаш се менуваат откако ќе станат мајки или татковци... Тоа го гледам и по мојата сестра...Таа убава насмевка и сјај во очите не може да се види ниту во една друга ситуација... – искрена е пејачката.

Скопје го сака и  жали што не може почесто да доаѓа овде, но најави брза средба со нашата публика:

- Со години се обидувам да најдам добар организатор и начин да го направам својот голем прв солистички концерт овде. Сметам дека после оваа посета работите ќе тргнат во правилна насока и наскоро ќе се видиме со прекрасната публика овде.

Објавено:
26 ноември 2014
Категорија: 
Актуел