Конзервативна и влијателна дизајнерка– Валентина Шли

26 декември 2014

Дизајнерката која во модните кругови била позната едноставно како Валентина, била родена во Киев, но за време на студиите заминува во Краков, каде се запознава со рускиот финансиер Џорџ Шли, со кого стапува во брак. Нејзиниот сопруг бил познат по дваесетгодишното пријателство со Грета Гарбо. Во 1923 година, парот започнува да живее во Њујорк, каде за кратко време Валентина успеала да изгради култен статус во високото друштво и тоа токму поради изборот на модни парчиња. Односно, кога останатите дами носеле мини здолништа и фустани со гол грб, таа избирала парчиња кои го истакнувале конзервативен стил, но сепак во гламурозна конотација.

Во 1928 година, Валентина отвора бутик на Авенијата Медисон, а нејзиниот прв ангажман како костимограф е за претставата „Come of Age“ на Џудит Андерсон, во 1933 година. Интересно е што костимите поминувале подобро од самата претстава, но сепак ова било основа за голем број идни проекти, меѓу кои се и костимите за „The Philadelphia Story“ на Бродвеј. Шли се грижела за стилот на голем број актерки, меѓу кои посебно се истакнуваат Кетрин Хепбурн, Глорија Свансон, Кетрин Корнел, Грета Гарбо и други. Во 1950—тата година, дизајнерката го лансира парфемот „My Own“.

Валентина била успешен промотор на стилот кој и таа лично го негувала. Токму ваквиот став придонел да биде на Интернационалната листа најубаво облечени дами. Шли го затвора бутикот во доцните педесетти години на минатиот век. Пред смртта на нејзиниот сопруг, Валентина се договора со Гарбо да ги избегнуваат средбите иако живееле во иста зграда во Њујорк, бидејќи дизајнерката не можела да го прифати блиското пријателство меѓу неа и сопругот Џорџ. Починува од Паркинсова болест во 1989 година, на 90 годишна возраст. Во 2009 година, музејот во Њујорк посветува изложба на делата на Валентина, на која за прв пат биле покажани фустаните, модните додатоци и фотографии, кои до тогаш и биле непознати на јавноста.

Објавено:
26 декември 2014
Категорија: 
Сцена