Празнични вести од Оливија Палермо

30 декември 2014

Оливија Палермо и нејзиниот сопруг Јоханес Хуебл го прославија првиот Божиќ заедно како сопружници и ги споделија најнезаборавните моменти од нивната романса за списанието Flare. Палермо откри дека она што најмногу  се допаѓа кај Јоханес е шармот, интелигенцијата и фактот дека е џентлемен во вистинска смисла на зборот.

„Кога прв пат се сретнавме врнеше многу дожд. Јас носев масивен чадор, Converse патики, цигара фармерки и маичка, а тој беше облечен како господин“, открива моделот во интервјуто за списанието.

Нејзиниот сопруг пак вели дека неговата Оли е најсекси кога е облечена во долна облека.

„Никогаш не успеав да и одолеам на нејзината убавина и страст, затоа и после шест години конечно ја побарав за жена. Штом ја видов знаев дека таа е вистинската, не знам зошто си дозволив толку време да чекам пред и официјално да ја земам“, одговара Хуебл.

Специјално за магазинот, Палермо и Хуебл направија и кратка стилска фотосесија, за која и двајцата се согласуваат дека е најдобрата до сега, а уште поубаво е што за првпат позираат заедно. На една од фотографиите уредничката носи виолетов коктел фустан, потпишан од Дерек Лем. Но и останатите комбинации се впечатливи, модерни и тренди како на Палермо, така и на нејзиниот сопруг, кој исто како неа нема направено ниту едно модно промашување, што сигурно се должи на префинетиот вкус за мода што и двајцата го поседуваат.

Меѓутоа, и покрај тоа што празничната еуфорија е во полн ек, Оливија не ги занемарува работните ангажмани и обврски. Имено, таа е новиот соработник и заштитно лице на брендот Max&Co.  Всушност таа е новиот стилски амбасадор на компанијата, која ќе работи како моден консултант за дефинирање на нови постулати во рамките на компанијата. Њујоршката кралица на стилот, заедно со новинарот Јеил Бреслин истражија и анализираа неколку теми кои би можеле да бидат дел од новата свежа ДНК на модната куќа Max&Co. Почнувајќи од ноември во сите продавници на Max&Co можете да дознаете нешто повеќе не само за модата, туку и да научите како да создадете одличен стајлинг, нормално со помош на Палермо која месечно ќе предлага по три комбинации направени од колекциите на Max&Co.

„Модата игра огромна улога во мојот живот . Ми се допаѓа наутро да станам и да се облечам убаво. Сакам секој ден да изгледам различно. Не се двоумам многу во изборот на парчиња, но истовремено сакам да се забавувам. Секогаш се облекувам за себе, сакам да се чувствувам убаво во мојата втора кожа. Сметам дека мојот стил еволуираше и созреваше со текот на годините. Сега точно знам што ми одговара, а што не на мојот стил и фигура. Мојот стил би го дефинирала како еклектичен, строг, префинет, со доза на класична елеганција. Во плакарот на една модно освестена жена треба да има класично сако, бидејќи може да го комбинирате преку ден, навечер, а со него можете да се појавите и на настани од формален тип. Потоа, следува здолниште со должина до под колена. Здолништето е одличен избор особено во периоди на премин од едно во друго годишно време, бидејќи можете да го комбинирате и со чевли на потпетица но и со чизми до глужд и до колена. Исто така сметам дека е мошне важно да поседувате и впечатливо парче накит. Јас лично мислам дека тоа треба рачен часовник, за да бидете секогаш точни“, вели Палермо во видеото кое снимаше за новата кампања на Max&Co.

Оливија Палермо е моден консултант, стилист, модел и уредник. Соработува со најпрестижните меѓународни списанија и магазини, како и со голем број онлајн сајтови. Призната е насекаде како стилска икона и е извор на инспирација за жените од различни возрасти и националности. Статистиките потврдуваат дека нејзиниот блог www.OliviaPalermo.com е еден од најнаградуваните и најпосетуваните.

Објавено:
30 декември 2014
Категорија: 
Сцена