Алис Венди: Девојката што ја облекува Џеси Џеј

8 јануари 2015

Алис Венди е млада дизајнерка од Британија, која има истоимен бренд кој се карактеризира со забавни, „откачени“ и тесни парчиња. Всушност главната идеја на дизајнерката е да ги спои фантазијата карактеристична за бајките со младешката, урбана и улична мода.

А според резултатите, изгледа дека го прави мошне успешно.

Нејзината модна кариера се поврзува со неколку познати шоу-а, како  The X Factor, Britain’s Next Top Model и The Clothes Show.

Првата колекција ја лансира во 2012 година, а еден од првите купувачи беше впечатливата Џеси Џеј. Тоа всушност беше почеток и на една плодна соработка бидејќи Џеси изрази желба Алис да дизајнира цела колекција само за неа.

Покрај Џеси Џеј, нејзини креации носат и Рита Ора, Шер Лојд, Неон Џангл, Надја Форд, Lttlemix.

Инаку оваа 27-годишна девојка, го напушти Plymouth College of Art во 2008 година, и тоа е нејзината прва голема пауза, кога всушност и се посветува на креирањето на облека за Clothes Show.

-Отсекогаш знаев што сакам да бидам, но никогаш не очекував дека ќе се случи и ќе го работам тоа толку брзо. Дури можам да кажам дека се случи случајно. Кога дипломирав, сфатив дека сакам да имам свој бренд и тоа се случи дури и побрзо отколку што очекував. Се пријавив онлајн на еден сајт со мое портфолио и успеав да добијам контакт со стилистот Алексис Нокс. Таа ме контактираше и ме праша дали би била заинтересирана да обезбедам неколку креации за воведната сцена од Clothes Show  во Бирмингем – изјави дизајнерката за „Дејли Мејл“.

Џеси Џеј ја запознава во Лондон, благодарение на шоу-та X Factor и Britain’s Next Top Model.

-Ѝ вршев проба и на еден нејзин стајлинг работев пет дена. Имаше многу различни шаблони на парчиња.

И покрај успешните соработки и пробивањето не само на модната сцена, туку и на светската шоу-биз сцена, Алис е сè уште скромна и живее со нејзините родители во Корнвол.

-Кога познати личности како Џеси Џеј носат моја облека, сите мои пријатели полудуваат, но тоа е само дел од работата што ја работам. Еднаш седевме сите заедно и на насловна на еден магазин ја видовме LittleMix во моја креација. Сите полудеа, но јас бев сосема опуштена и смирена поради тоа. Не дека не е возбудливо, но е само дел од работата – објаснува младата дизајнерка.

Една од движечките животни мисли во животот е дека сите треба да го прават она што го сакаат, како и тоа дека модата е забавен начин да се искажете себеси.

Нејзините идни планови се поврзани со селење во САД, каде би сакала да си ја проба среќата.

Објавено:
8 јануари 2015
Категорија: 
Портфолио