Џулијана Ранчиќ: Модна икона од другата страна на црвениот килим

12 јули 2014

Четирисесетгодишната американска новинарка и водителка со италијанско потекло, Џулијана Ранчиќ е инспиративен лик за жените ширум светот, не само од аспект на нејзиниот перфектен моден сенс, туку пред се' поради храбриот однос кон сите искушенија со кои ја соочи животот.

Пред камерите таа го живее американскиот сон: една е од најпознатите ТВ лица на американската забавна програма Е!, член е на фамозното модно шоу „Модна полиција“,  често ја гледаме на црвениот килим како ги интервјуира планетарно обожуваните ѕвезди, има сопствена линија облека која одлично се продава, нејзиниот сопруг Бил е познат хуманитарец и бизнисмен со хрватско потекло, и секако таа е мајка на неодоливиот двегодишен Едвард Дјук.

Но, од друга страна, преку реалното шоу кое ги спојува нејзиниот професионален и приватен живот, дознавме за животната битка која таа ја водеше со ракот на дојка, имаше неуспешни обиди за вештачко оплодување, па затоа заедно со нејзиниот сопруг одлучија да го добијат нивниот син со помош на сурогат мајка.

Можеби една од причините поради кои ја обожаваме, е нејзиниот природен однос и спонтаност пред камерата, но со сигурност и поради нејзиниот истенчен вкус кога стилот е во прашање, а кој се сведува на елеганција, женственост и минимализам секогаш со урбан предзнак.

G by Giuliana Rancic е нејзината линија облека преку која го препознаваме нејзиниот личен стилски сензибилитет бидејќи креира според „мерките на нејзиниот гардеробер“, односно создава парчиња кои и самата би ги носела.

Нејзината животна и професионална определба која паралелно го следи темпото на модната индустрија, воопшто не е изненадување со оглед на нејзиното италијанско потекло и генетскиот код пренесен од нејзиниот татко Едуардо Депенди, кој важи за исклучително квалитетен шивач со сопствен бутик за машка облека во Мериленд.

Икона на стилот, но и пример за жена која беспрекорно го одржува балансот помеѓу добрите и лошите страни во животот.

Објавено:
12 јули 2014
Категорија: 
Модна икона