Ким Бесинџер: Модна икона чиј стил балансира меѓу женственоста и машкоста

1 јуни 2014

Една од најубавите жени во светот, актерката и модел Ким Бесинџер поседува се: талент, убавина, харизма и неверојатно тело кое дури на 60 години изгледа природно и одржано. Доказ дека и во зрели години се чувствува сигурна и како модел е тоа што неодамна откри дека се  враќа на своите манекенски корени со тоа што потпиша договор со модната агенција IMG Models. Таму е  рамо до рамо со својата ќерка, која исто така е дел од оваа позната агенција.

 

Ким е откриена на 16 годишна возраст во родниот град и по кратка дилема решава комплетно да се посвети на оваа професија. Во 1976 година таа се фрустрираше од манекенската работа и одлучи да се посвети на актерството и да се пресели во Лос Анџелес каде ги зема и првите часови по глума. Бесинџер е икона на убавината од 80-тите, која и денес важи за влијателна дама која успешно го балансира стилот меѓу женственоста и мажественоста.

Ким пред се ја обожава црната боја и најчесто носи монохроматски парчиња во машки крој. Па така на црвениот килим не ретко можеме да ја видиме во елегантни црни костими што ја потенцираат нејзината наклонетост кон машките линии на гардероба, сепак нагласувајќи ја и женската сензуалност со црвените усни и русата коса.

Освен на гламурозни и специјални настани, Бесинџер и во секојдневието практикува широки спортски, но и класични  парчиња облека без да го нагласува своето извајано тело.

Оригиналната и неповторлива актерка и манекенка и во денешно време останува инспирација како во филмската така и во модната индустрија. Едноставно, таа е Ким Бесинџер!

 

Објавено:
1 јуни 2014
Категорија: 
Модна икона