Волшебната Ема, е епитетот кој таа постојано го добива, не само како млада актерка туку и како млад модел кој веќе царува на светската модна сцена. Со голем потенцијал, камелеонски трансформации, стилски модификации, како и хедонистички аспирации кон модата на само 24 годишна возраст, британска актерка Ема Вотсон веќе ја носи титулата модна икона. Дека полека и сигурно чекореше кон светската слава, беше кристално јасно уште од нејзините професионални почетоци. Најпрво сите ја запознавме и сеуште ја паметиме како Хермоина, односно малата волшебничка со бушава коса која му е соученичка и пријателка на Хари Потер.
Ако извесен период не сте ги следеле нејзините ангажмани, посебно оние во кои има улога на модел, веруваме дека тешко ќе ја препознаете. Токму тој нејзин потенцијал и умешност да ја носи облеката на уникатен и софистициран начин, веднаш го препознаа модните куќи како и уредниците на престижните модни магазини. 2008 година го означи стартот на нејзините модни ангажмани кога стана и заштитно лице на рекламна кампања на Барбери за колекцијата есен-зима, кампања која продолжи и за колекцијата пролет-лето 2011, каде Вотсон позираше заедно со нејзиниот брат Алекс. Но со овој моден проект не застанаа плановите на младата Вактерка која во континуитет продолжи да реди само успеси и нормално да заработува вртоглави суми.
Во месец мрат 2011 година таа стана и заштитно лице на козметичката компанија Ланком. Свесна за својата маркантност, способност и моќ да биде влијателно лице од модната индустрија, Ема ја создаде и својата прва пролетна колекција за People tree, а соработуваше и со Алберта Ферети.
Јасно е дека за овие успеси ја следеа бројни маркетиншки моменти и насловни страни за престижни магазини. Воедно, таа е најмалата ѕвезда која двапати се појавила на Тинејџерски Вог, а како растеше во шик и урбана девојка, модните куќи и брендови постојано ја инволвираа како главно лице што ќе ги носи најновите креации. Ел, Вог, Космополитен, Вондерланд, W магазин и на уште многу други модни изданија, Ема од насловните страни на само 24 години се изгради во симбол на женската убавина и авангардната мода.
Последниот изглед со кој таа не воодушеви од црвениот килим беше оној од неодамнешната премиера на филмот „Ное“ каде таа се појави во драматична црна тоалета на Оскал де ла Рента, надополнета со обувки на Кристијан Лубутан и чанта на Роџер Вивиер.
Инаку, во филмот таа ја игра улогата на посвоената ќерка на Ное. Доколку извесен период не сте виделе на што се работи магичната Вотсон и како се трансформира, разгледајте од галеријата во продолжение.