Тие го имаа целиот свет на дланка, беа обожавани од милиони луѓе, нивните животи беа слични на модерните бајки, нивната појава пленеше со гламур, популарност, беа толку нестварни, беа светски жени... но беа и несреќни жени.
Грета Гарбо
Грета е израсната во Шведска и ништо во нејзиниот живот не укажувало на тоа дека таа еден ден ќе го „фрли“ светот на колена. Нејзиното семејство било сиромашно, а нејзиното детство полно сивило, немаштија и проблеми. Кога со својата витка аристократска појава го заведе Холивуд, се беше како сценарио од бајката на браќата Грим, а Грета ја играше улогата на Пепелашка. Таа како феникс се издигна од пепелот стана ѕвезда, најпрепознатливото лице на филмската индустрија во периодот на 30-тите години. После неколку снимени филмови кои одлично поминаа во очите на критичарите, Гарбо го сними и својот последен филм: „Жена со две лица“, за кој самата има искоментирано дека тој филм ќе биде нејзин гроб и вечно почивалиште, после што комплетно се повлече од филмската сцена. На новинарите и обожавателите кои со децении потоа и праќаа писма, пораки, не им дозволуваше ниту да ѕирнат во нејзиниот осамен свет. Иако имала буквално се што срцето може да и посака, нејзината желба била да ја остават на мира. Позната е по своето мрачно расположение, анксиозно однесување и поради тоа го добива епитетот „Најдепресивна скадинавка после Хамлет“.
Вивиен Ли
Целата своја кариера Вивиен Ли ја посветила да докаже дека покрај убавината која ја поседува има и неверојатен актерски талент. И покрај двата Оскари таа сепак останала најпозната по својата убавина и сопруга на Лоренс Оливие. Додека била окупирана да му покаже на светот дека е актерка, а не само убавица, кај неа почнале да се развиваат психички проблеми кои ќе ја чинат многу во животот. Со текот на годините во кои целиот свет и се дивел, Вивиен била измачена со „сопствените демони“. Поради таквото свое однесување си го уништила и бракот со Лоренс Оливие, за кого до крајот на својот живот била цврсто убедена дека е љубовта на нејзиниот живот. Земала таблети за смирување, конзумирала алкохол, доживеала неколку нервни сломови, нејзината психичка, а и физичка состојба од ден на ден била се полоша и полоша. Умрела како последица на се горе наведеното и како несреќна и измачена жена.
Мерилин Монро
Ниту денес не постои жена која е достојна и која може да се нарече сексапилна, а камоли да се носи со тој епитет како што тоа го правеше Мерилин Монро, но од друга страна пак, на ниту една жена не може да и се препише една толку трагична судбина како онаа на Монро.
Родена како Норма Џин Бејкер, предодредена за улога на трагична хероина, крст кој го носи до крајот на својот живот. Никогаш не го запознала својот татко, а мајка и ја изгубила рано и тоа како последица на нервен слом. Растена е во сиропиталишта и различни семејства. Од моментот кога оваа русокоса убавица го смени своето име, се чинеше дека успеала да ја промени и својата судбина. Прерасна во една од најпознатите актерки и жени на своето доба. Сепак, нејзиниот гламур и сексапил со кој го покоруваше целиот свет не и помогнаа да ја пронајде својата среќа како реализирана жена. Нејзиниот контроверзен љубовен живот и постојаниот притисок во поглед на професијата, се повеќе ја кршеа и разоруваа нејзината душа. Најголемата заводничка на сите времиња беше пронајдена мртва во својот стан. Умрела во 36-тата година од својот живот од земање прекумерна доза на апчиња за спиење.
Грејс Кели
Приказната на Грејс Кели е малку поинаква од онаа на Монро. За разлика од Мерилин се чини дека на оваа дива се и одеше од рака. Родена е во богато семејство во Филаделфија, воспитана во духот на европската аристократија, а откако со својата убавина и талент го освои Холивуд, го освои и срцето на вистинскиот принц. Таа се омажи за принцот Раниери III и заедно со него владееше во малото, богато и убаво Кралство Монако. Тие заедно со своите три деца ја живееја својата бајка, се до кобниот ден кога Грејс го изгуби животот во сообраќајна несреќа. После нејзината смрт Принцот Раниери никогаш повеќе не се ожени.
Принцезата Дијана
Лејди Дијана Спенсер е растена со сите благодети кои може да и ги овозможи племенскиот живот во Британија. Неверојатно убава, млада, богата, природна, медиумите ја обожаваа, а целата јавност беше воодушевена кога се објави нејзината веридба со Принцот Чарлс. Но уште на самиот почеток од брачниот живот, таа сфати дека бајките не постојат. Во светот на најважното и најпознатото семејство, таа беше странец. Нејзиниот сопруг никогаш не ја сакаше вистински, била многу осамена и несреќна. А како последица на претходно спомнатото кај Дијана се јавија нарушувања на исхраната, кои на нејзината и онака слаба фигура беа преочигледни. Следуваше и развод чиј директен повод беше неверството на Принцот. Приказната за Лејди Дијана завршува трагично со сообраќајна несреќа во која исчезна мајката на двата принца Вилијам и Хари, но и Принцезата на народот, која не само Англичаните, туку ја обожаваше целиот свет.
Наташа Ричардсон
Наташа Ричардсон како ќерка на позната актерка Ванеса Редгрејв и режисерот Тони Ричардсон, од самото нејзино раѓање, се знаеше дека ќе биде ѕвезда. Покрај успешната кариера и статус на убавица, нејзиниот живот го исполнуваа двете деца и љубовта на сопругот Лиам Нисон. Целата оваа семејна идила се растури во моментот кога Наташа почина за време на фамилијарниот одмор во Канада. Актерката паднала додека скијала, од чиј пад добила потрес на мозокот кој се покажа како фатален.
Џиа Каранџи
Во 70-тите години Џиа Каранџи била толку популарна што со право го добила статусот прв и најдобар топ модел во историјата на модната индустрија. Сите сакаа да работат со преубавата бринета, нејзиното лице можеше да продаде буквално се. Сепак по смртта на нејзиниот ментор, настапува емотивна нестабилност, по што следува период во кој таа почнува да зема дрога, хероин и опојни средства кои буквално ќе и го одземат животот. Додека снимала се случувало да заспие или да излезе за да си купи дрога, а има направено и неколку криминални истапи. Се што правела било само потврден индикатор кој и овозможил трагичен крај. Крајот доаѓа и повеќе од брзо кога сте дел од светот на дрогата, а првата голема модна ѕвезда умрела од сида на 26 години.