Интелигентна мешавина на нескротливиот канадски дух и рафинираниот италијански шарм, со особен акцент на деталите, чија задача е да се даде живот и уникатен концепт на алтернативниот луксуз. Ова е животната филозофија и модната приказна на дуото Дин и Ден познати под името Dsquared2, дизајнерите кои несомнено се изборија и заслужија свое место во модната индустрија.
Дин и Ден Катеначи се родени во 1964 година во Торонто, како најмали од деветте деца од нивното семејство. Нивниот татко е од мал град во близина на Сора, Италија. Во 1983 година тие се преселуваат во Њујорк за да студираат моден дизајн во Парсонс школата за дизајн.
Со наоѓање на финансиска поткрепа во 1986 година, ја лансираат својата прва колекција наменета за жени потпишани како DEanDAN. Во 1988 година, тие потпишаа договор со брендот Ports International, (од 1961 година преименуван во Ports) и станаа креативни директори чија основна цел беше афирмирање на модниот аспект во рамките на оваа компанија.
Во 1991 година, браќата се преселуваат во градот кој го носи епитетот лулка на модата, Милано, каде почнуваат да работат како дизајнери во куќата на Џани Версаче и деним брендот Дизел. Во 1994 година ја лансираа својата прва колекција наменета за мажи, а во 2003 година лансираа нова женска линија и машка колекција за долна облека.
Браќата се познати по дизајнирање на облека и уникатно организираните модни ревии.Тие креираат машки и женски колекции но не само облека, туку и чевли, парфеми и козметика. Дека нивните модни шоуа се единствени потврдува ревијата во 2005 година кога поп пејачката Кристина Агилера ги соблекуваше машките модели на сцената.
Во септември 2007 година, модната ревија на ова фантастично дуо беше проследена со овации поради фантастичниот концепт. Имено, на пистата Ријана прошета возејќи автомобил. Во јануари 2010 година DSquared2 во Милано ја прикажа најновата колекција за мажи за сезоната есен-зима 2010 и не почестија со уште еден спектакл. Бил Кулитз качен во кафез во вид на лифт кој се симнува на пистата. Ова се само дел од спектаклите кои браќата ги приредуваат за време на нивните модни шоуа.
Нивните дизајни ги имаат носено голем број ѕвезди: Бритни Спирс, Бил Кулитз, Џастин Тимберлејк, Мадона, Рики Мартин, Николас Кејџ и Лени Кравитз. Мадона за својата светска турнеја во 2000-2001 година го ангажираше ова дуо кое требаше да изработи 150 различни костими за нејзината турнеја Drowned World Tour 2001. Тие беа главните виновници и за креациите кои Бритни Спирс ги носеше на нејзината турнеја во 2009 година.
Во 2006 година браќата беа избрани да го дизајнираат новиот официјален дрес за фудбалскиот тим на Јувентус. Во јуни 2007 година DSquared2 ја отворија првата своја продавница во модната улица во Милано. Потоа продавници отворија и во Атина, Капри, Истанбул, Киев, Кан, Сингапур, Париз, Хонг Конг и други.
Ова фантастично братско дуо ја освои пошироката публика благодарение на нивната природна стилска зрелост, софистицираната нота во презентацијата на шик парчиња и одржувањето на секси и провокативни кроеви кои се вградени во нивните креативни корени. Нивната животна девиза е три воедно: „Родени во Канада, живеат во Лондон, дизајнирани во Италија.