Портфолио: Соња Рикел кралица на плетениците

26 декември 2013

sonia-fi

Соња Рикел е француски моден дизајнер родена 25-ти мај 1930 година во Париз. Нејзиниот татко по потекло е Романец а мајка и е Русинка, додека таа е најстарата од петте деца. На 17 годишна возраст Рикел е ангажирана да уредува излози во неколку бутици. Во 1953 Соња се мажи со Сем Рикел кој во тоа време бил сопственик на бутик. Бидејќи во бременоста, Рикел не можела да си најде соодветна комфорна облека, почнала да го носи џемперот на нејзиниот сопруг, од кој потоа се инспирирала да си направи сопствен кој го добил името  „Poor Boy Sweater“, но не изработила само еден туку повеќе што почнала да ги продава во бутикот на сопругот.

 

Вистинската слава Соња Рикел ја добива кога нејзината плетена креација се наоѓа на насловната страна на модниот магазин „Ел“, а Американците и ја даваат титулата „Кралица на плетениците“. Од тогаш па се до сега, на своја 83 годишна возраст, Рикел експериментира и ја проширува својата понуда. Таа е првиот дизајнер што става шевови на надворешната страна на облеката, но и првата што употребува аплициран принт од букви. Дизајнот на Рикел најмногу е карактеристичен по долгите припиени џемпери, кратките пуловери во интересен крој како и долгите шалови.

Палетата на бои обично се одликува со: беж, сива, темно сина и јаглен нијанса. Освен облеката под етикетата на Соња Рикел се произведени и неколку парфеми, а првиот го носи името '7e Sens'. Но, талентираната француска креаторка има напишано повеќе книги за модата како и една збирка за деца. Во 1980 година Соња Рикел е прогласена за најелегантна жена во светот. 2003 година на Париската модна недела Рикел ја презентира својата пролетна колекција во која преовладуваат цветните мотиви. Подоцна, во февруари 2005 година, Соња заедно со својата ќерка Натали, сопствениот дизајн од Париз го прошируваат и во Њујорк на американско тло.

 

Сега, во Америка има три бутици на Рикел кои се наоѓаат во Бостон, Њујорк и Гуам.

 

Модниот бизнис на семејството Рикел се повеќе и повеќе ја зголемува својата успешност, па така во 2009 година Соња склучува договор за соработка со шведскиот бренд H&M за кој лансира линија облека, ангажман што го прославија на специјална забава во Париз.

 

Брендот Соња Рикел денес е во листата на најпопуларните, а токму за празниците е понудена празнична колекција.

Освен моменталните актуелности, Рикел ја промовираше и ресорт колекцијата за пролет 2014 година. Пред извесен период Соња Рикел откри дека 15 години е болна од Паркинсонова болест.

 

Објавено:
26 декември 2013
Категорија: 
Портфолио