Младата британска дизајнерка Софија Вебстер се крена високо на дизајнерското небо по само неколку години самостојно постоење на пазарот.
Откако неколку години работеше како асистент на британскиот дизајнер за чевли Николас Кирквуд, таа на светот му ја прикажа нејзината прва, целосно самостојна колекција на луксузни чевли во 2013 – та година.
За време на нејзиното студирање на Кралскиот универзитет за уметност, таа била наградувана со огромен број на признанија и веднаш се истакнала како еден од најдобрите студенти со неверојатна креативност во она што го работела.
Таа беше номинирана и за наградата за најдобар изработувач на аксесоари за изминатата година од страна на британскиот моден совет за британските модни награди.
Софија Вебстер за многу кратко време стана една од најбараните дизајнерки за чевли во светот, а во тоа дефинитивно многу и помогнаа и соработките со брендовите како Маноло Бланик и J Crew.
Она што дополнително со брзина на светлината ја вивна кон успехот се и оригиналните, кенди чевли што таа специјално ги изработи за Ријана и што подоцна се продадоа за еспресно време под називот – Рири.
Младата дизајнерка создава едни сосема поинакви, ултра феминистички чевли што едноставно неможат, а да не бидат обожувани од многумина.
И самата ќе каже дека таа е пред се уметник и секогаш најпрво се грижи за тоа чевлите да бидат што е можно покреативни, а потоа и за се останато.
Таа е препознатлива по нејзините ултра колоритни чевли што многу често наликуваат на вкусни бонбони. За употребувањето на интензивни бои во нејзините дизајни, таа ќе каже дека според неа, секогаш е полесно да комбинирате чифт колоритни чевли со едноставна облека.
„Вие секогаш можете да раскажете една цела приказна со чевлите што ги носите. За некој што нема храброст да носи колоритни комбинации на облека, моите чевли се вистинскиот избор. Со овие чевли, доволни ви се само чифт фармерки и бела блузичка за да му покажете на светот се што сакате. Колоритните чевли секогаш ќе внесат свежина во вашата облека“, вели Софија.
Последното нешто од дизајнерката е колекцијата пролет/лето 2014 во која таа ни прикажува еден сосема поинаков и за неа препознатлив колоритен свет. Прекрасни чевли, шик чанти и интересни парчиња со точки и во пастелни бои се само некои од содржините во нејзината колекција.
Ние дефинитивно се воодушевивме од работата на оваа дизајнерка, а веруваме дека тоа ќе биде случај и со вас.
Во галеријата погледнете некои од нејзините најдобри дизајни од досегашната работа.