Софија Вебстер го има најколоритниот плакар на светот!

21 мај 2015

Розови фламингоси и детали од ананас, бројни светилки во јаки бои, весели принтови на секој чекор и огромен плакар полн колоритни чевли – вака некако изгледа домот на нашата омилена дизајнерка на чевли Софија Вебстер.

Секогаш позитивна и со широка насмевка, Софија Вебстер ги отвори вратите од нејзиниот шармантен лондонски дом за екипата на The Coveteur каде сосема очекувано, тие беа сведоци на огромен број шик чевли.

Ведрината што преовладува буквално во секој агол од нејзиниот дом, само потврдува дека покрај тоа што таа е исклучително талентирана на повеќе полиња, луѓето ја обожуваат и поради нејзиниот ултра позитивен и карактер со кој плени каде и да се појави.

Во плакарот што е дел од нејзината спална соба, можете да ги најдете најубавите чевли на светот што секако, таа сама ги дизајнирала.

Покрај бројните чифта чевли во кои веруваме дека ќе се заљуби секоја девојка која ќе ги погледне фотографиите, Софија е страстен колекционер и на прекрасни ретро парчиња мебел меѓу кои и козметичката масичка со натпис Print Club London што ја наследила од нејзината баба.

Во плакарот на една од најуспешните дизајнерки на чевли во светот, ќе најдете и бројни јакни со интересни натписи, шармантни фустанчиња во ведри и свежи бои, но и многу парчиња накит и козметика во која таа е заљубена.

Откако неодамна ја роди ќеркичката Биби, Софија ќе каже дека сега поголем дел од вниманието и го посветува неа, но секако тоа не значи дека ги заборава и нејзините клиентки за кои секогаш подготвува нешто ново.

Сосема нормално, таа дизајнирала и цела колекција мини чевлички за нејзината ќерка Биби Блосом, а фотографиите од сета таа убавина можете да ги погледнете во продолжение!

Објавено:
21 мај 2015
Категорија: 
Сцена