Дневник Илија Илов: Тутанкамон, мумијата на вистината или династијата на изгниениот џентлмен

17 февруари 2014

Кучињата чиниш ги вадеа своите орлни крици, при што ги корнеа од постелата, богатите Каирции, кои со своите долари, ги валкаа белите чаршави и сите загрозени видови на школки, кои беа проголтувани како планктони од кит. Таму, во тој дел од денот, каде што месечината бдее над смртта од сонцето, нешто чудно се случи, ехо од човечки крици од песова уста чиниш се слуша, дека Карнарвон- страшниот ископувач ќе се разболи во гробницата на Тутанкамон и таму со Тутанкамовото лешово пронаоѓање ќе изгние митот на џентлменот.

А тој, Карнарвон, не го сакаше згрутчувањето на смртниот здив на Тутанкамон, бидејќи од тој здив се сторија сите камења, како стврднат дах на Неговата смрт.

Ушната наковална се расцепуваше од секој лаеж на кучето, кое во дваесети век, зема човечки глас и нѐ заплаши сите велејќи ни: „Сите ќе умрете кога ќе го пронајдете мојот гроб и вистина што се наоѓа внатре“.

Џентлмен или слика на андрогена вистина

Вистина, кога влеговме во леаната Тутанкамова гробница, се беше излеано од неговиот смртен дах. И таму најдовме илјадници камчиња кои личеа како јајце на јајце и кога погледнавме во нив, го видовме својот лик како пожолтуваше и раѓаше сивило и  клепките наши, насушени, кои полека се распаѓаа и нѐ вовлекуваа со своите ситни чекори навнатре.

- Тутанкамон е жив- мртовец?

Отсликувањето на еден џентламен во вистинскиот свој калап најмногу зависи од тоа колку самиот тој е трпител на вистината.

Облеката?

И рог му ја расцепи брадата на Тутанкамонот и Тој успеа да блее како јарец од својата човечка усна. Очните агли со катран му се развлечија, мислиш тоа беше мачешка заштита, иста како онаа на лав и косата ја беше вткајал во златна руба, која како грива му доаѓаше да ’ржи и да држи, а на главата носеше змија, кобра- смртница која беше ја извила својата глава. Фараонот беше создаден од целата фауна, а во себе ја носеше целата флора. И така општеше во вертикала со себе и вака во хоризонтала ја истакнуваше својата андрогеност. Зошто вистината е андрогена и постои само еден баланс!

Вистинскитот џентлмен, е оној кој ќе успее да балансира помеѓу заштитата на интимата и расплинувањето на истата!

 

Автор: Илија Илов

Објавено:
17 февруари 2014
Категорија: 
Стил