Лубутан направи чевли инспирирани од астрологија

10 февруари 2016

Дизајнерот Кристијан Лубутан, неодамна претстави лимитирано издание на чевли, а по повод годишнината на онлајн бутикот „Мода операнди“.

Колекцијата е инспирирана од астрологија и е сочинета од два главни модела, рачно извезени, но постои и голем избор на опции за прилагодување.

Покрај 12-те астролошки знакови, купувачите имаат можност да избираат боја – од темносина до темновиолетова со црни сатенски нијанси. Постои можност да се додадат и лични податоци, како иницијали и датумот на раѓање.

Секој чифт чевли е рачно везен во Индија, а завршен во салонот на Лубутан во Париз. Цената се движи околу 2.000 долари, но оние што сакаат да ги купат мораат да остават депозит од 1.000 долари.

-Привлечноста на чевлите на Критијан Лубута е неоспорна, а нивната убавина, како и вештината на дизајнерот ненадминливи. Ние сме воодушевени што ќе ја лансираме ексклузивната колекција инспирирана од астрологија, извор на инспирација што е многу близок и до срцето на господинот Лубутан – вели Дебора Никодим, извршниот директор во „Мода операнди“, во соопштението за јавност.

Колекцијата што вклучува само 45 чифта чевли, ќе биде достапна до 20-ти февруари.

Инаку, неодамна и Луј Витон лансираше колекција инспирирана од знаците во Зодијакот, но за накит насловена како Fortune-Louis Vuitton.

Објавено:
10 февруари 2016
Категорија: 
Модни додатоци
Прочитано:
376 пати