Емилио Пучи си зададе нова цел: „Да го освои светот!“ Верувале или не тој успеа во својата намера. Имено, Пучи дизајнираше нова колекција марами, а секоја од нив преку колоритниот дизајн раскажува по една градска легенда. Пучи со креирање на ваква колекција во суштина сакал да ја нацрта модната светска мапа на градови кои според него се клучен, значаен и стратешки фактор во модниот свет.
Брендот кој е во сопственост на групацијата LVMH, се подготвува да ја објави својата нова колекција насловена „Cities“ (Градови), посветена на шест града: Фиренца, Рим, Њујорк, Париз, Шангај и Хонг Конг. Во оваа линија, креаторот одлучил да остане доследен на својата насока, а тоа е умешноста на дизајнирање инвентивни колоритни сложувалки од различни принтови и дезени. Класичниот крој во форма на квадрат е задржан како еден од основните облици по кој е препознатлив стилот на Пучи. Во поглед на цртежите кои се наоѓаат на марамите, креаторот не ги лимитира своите можности, па покрај инвенцијата со спојувањето на бои и дезени тој мајсторски успеал да ги вметне значајните обележја по кој е познат секој град и опфатил различни сфери од општественото живеење. Така на пример доколку го одберете моделот Њујорк, на себе ќе ги „носите“ Централ Парк и авенијата Медисон, нормално обоени со фасцинантна колоритна палета на нијанси.
Марамите ќе се продаваат поединечно, но ќе може да ги купите и како сет. Онлајн продажбата на колекцијата ќе стартува од први ноември, а истиот ден марамите ќе бидат пуштени во продажба во сите шест градови, но и во другите продавници на брендот ширум светот.