Спој на италијанскиот југ со ориенталниот исток

15 јануари 2015

Откако Доменико Долче и Стефано Габана ги елиминираа сите проблеми со правниот систем во својата родна Италија, својот креативен набој го насочија кон создавање на скапоцена златна мини колекција. Капсулната колекција од злато може да се најде исклучиво во продажба во бутикот LuisaViaRoma и онлајн продавницата LuisaViaRoma.com.

Најпознатото модно дуо скоро никогаш  не соработува со продавниците на овој начин, па со оглед на тоа, оваа капсулна колекција е вистинска реткост и сигурно голем број трендсетерки ќе сакаат барем еден од овие златни модни додатоци да се најде во нивниот плакар. Бутикот LuisaViaRoma во Фиренца оваа година го слави својот 85 годишен роденден, а онлајн верзијата 15 години. Продавницата зад себе има 10 успешно реализирани проекти под називот Firenze4Ever, а на десеттото издание од оваа манифестација беше промовирана новата златна мини – колекција која Долче и Габана ја дизајнираа специјално за брендот.

Темата за Истокот беше главната инспирација на креаторите, а чантата во златна боја насловена „Sicily“ е посебно декорирана со украсни кристали и блескави камчиња. Покрај чантата колекцијата вбројува и специјално дизајнирана маска за iPhone 6, тантелни чевли до глужд со тенка потпетица и отворени прсти, како и златни тантелни еспадрили. Доколку сакате да имате едно вакво луксузно парче во вашата колекција треба да знаете дека цените варираат од 155 евра за маска, па се до 1150 евра за чанта.

Објавено:
15 јануари 2015
Категорија: 
Модни додатоци