Членовите на „Abba“ прославија 50 години пријателство

7 јуни 2016

Членовите на популарната шведска група „Abba“ во неделата во Стокхолм, прославија 50 години познанство меѓу себе. По тој повод тие повторно заедно настапија на сцена и тоа после цели 30 години!

Всушност, пред точно половина век (конкретно, на 5-ти јуни 1966 година) се запознаваат Бјорн Улвеус (71) и Бени Андерсон (69), од каде понатаму тргнува и целата музичка приказна. Поточно, шест години после нивното познанство, во 1972 година ја основаат групата „Аbba“.

За оваа пригода Бјорн, Бени, Агнета и Фрида ја изведоа композицијата „The Way Old Friends Do“, а во текот на вечерта со нив настапија и други музичари, локални актери, познати личности и други гости на приватната забава.

-Ова беше одлична ноќ – изјави Андерсон за шведските медиуми, на што се надоврза Лингштад, „Многу емоции се појавија. Го направивме ова патување низ нашата историја. Особено Бени и Бјорн. Беше навистина носталгично“.

Инаку, за потсетување, во јануари годинава тие исто така се појавија заедно и тоа на отворањето на ресторанот „Mama Mia! The Party“, но не настапуваа.

Легендите на поп музиката, за време на најголемата популарност, успеаја да продадат повеќе од 380 милиони албуми ширум светот. Нивната кариера во сериозна насока почна во 1974 година, со евровизиската „Waterloo“, првиот мега хит на групата.

„Аbba“ престана да функционира како група во 1982 година и не настапуваа заедно до 1986 година. Мјузиклот „Mamma Mia!“ е поставен и на Бродвеј, каде исто така стана голем хит, а има и екранизирана верзија со Мерил Стрип и Пирс Броснан.

Инаку, членовите пред неколку години одбија понуда да се обединат повторно за турнеја вредна една милијарда долари.

За нив приказната за „Abba“ е одамна готова и јасна, а на обожавателите ширум светот им останува да се радуваат на вакви инцидентни настани, што секогаш се проследени со големо медиумско внимание. Тие направија вистинска револуција и во музичкиот, но и модниот свет.

Со костимите што секогаш изобилуваа со многу бои, беа вистинска новина во сценската појава тогаш, а и денеска важат за едни од најоригиналните.

Објавено:
7 јуни 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.625 пати