Веќе ви ја претставивме нашата селекција на едни од подобрите женски стајлинзи од македонската јавна сцена за 2013-та година, од која индивидуално ги коментиравме изгледите на актерки, водителки, пејачки и манекенки. Овој пат, се потрудивме од нашата архива да ги пронајдеме и највпечатливите стајлинзи од посилниот пол. Нашиот избор го насочивме на класично-елегантните комбинации, што избраниците ги носат со посебен шарм и личен печат, на разни манифестации од јавен карактер, но и такви што во текот на изминатите месеци беа издвоени од нивните плакари специјално за Fashionel.
Инструкторот по танц Илија Карадакоски освен спортските парчиња кои му се секојдневие додека танцува, ги обожава и класичните комбинации. Во 2013-та Илија го гледавме на разни случувања во префинето модно светло. Оваа негова комбинација од црн елегантен костум надополнет со бела кошула и светло сини аксесоари ја селектиравме од интервјуто во кое тој го отвори својот гардеробер и ги сподели со вас неговите најобожавани и применувани парчиња.
Водителот Димитар Атанасовски речиси секојдневно го гледаме пред Тв екраните, неговата професија почесто му налага класичен дрес код кој Димитар строго го почитува. Веруваме дека сите ќе се сложите дека водителот Атанасовски извесно време изгледа како вистински господин што умее да ги носи класичните парчиња облека на сопствен начин. И оваа негова комбинација е од плакарот кој го отвори за нас.
Вистински џенталмен. Манекенот Илија Илов било каде и кога, едноставно има непогрешлива моќна, елегантна и софистицирана класична комбинација. Тој е момче што сегогаш праќа моќна модна порака кон туѓата перцепција.
Радио водителот Петар Ѓошев слободно може да се каже дека треба да биде пример за добро облечен маж. Тој ја преферира брендираната гардероба, чиј квалитет тешко кој нема да го забележи. Патар парчињата ги спојува како вистински професионален стилист и кај него тешко дека некогаш можеме да забележиме било каква модна грешка.
Уште еден водител заслужува да добие пофални зборови за имиџот кој го негува. Марко Марк годинава имаше неколку успешни модни погодоци. Избраната комбинација е од Радискиот фестивал, а Марко носи костум со принт од квадрати, надополнет со сиви класични панталони, креација на модната куќа „Елена Лука“.
Актерот Сашко Коцев од година на година е се повпечатлив, како на црвениот килим така и на случувањата во кои има улога на водител. На овогодинешната „Златна Бубамара“, Коцев како домаќин на вечерта носеше маслинаста нијанса на сако, пастелна кошула и црни фармерки кои иако беа спортски модел, изгледаа одлично од целосната комбинација. Ова е само еден од изгледите на Сашко што ни остави впечаток за 2013-та.
Кастинг менаџерот на Модниот викенд Скопје, Виктор Цветановски како директно инволвиран во домашната модна сцена, е вистински репрезент како треба да изгледа еден млад господин. Независно каде и да се појави Виктор ја има на себе добинтана комбинација, од која ќе забележите дека навистина се потрудил и изгледот многу му значи.
Гитаристот и пејачот од рок дуото Некст Тајм, Мартин Филиповски и неговиот брат Стефан, иако почесто практикуваат кежуал парчиња, тие не ретко ги вклучуваат и класичните. Како Мартин така и Стефан годинава ги гледавме и во елегантни класични костуми што одлично им прилегаа.
Од стајлинзите на хип-хоп пејачот Тајзи ја издвоивме оваа комбинација од манифестацијата Златна Бубамара. Тајзи иако претпочита опуштени комбинации далеку од оние класичните, токму оваа укажува дека вкусот кон одредени парчиња може одлично да се спои и со оние класичните.