Моделот Кејт Мос неодамна направи колекција за нејзиниот омилен бренд „Еквипмент“. Љубовта трае уште од младите денови, кога ја позајмила маицата на момчето токму од овој бренд.
Инаку, колекцијата е составена од парчиња што го отсликуваат нејзиниот личен стил како и естетската визија на „Еквипмент“. Акцент е ставен на кошулите со принт на точки, ѕвезди како и леопард принт. Моделот не ја пропушти шансата да посвети креација и на својот починат пријател, Дејвид Боуви, создавајќи кошула украсена со златни молњи.
Покрај тоа, ќе има и неколку фустани, пижама одело и неколку блејзери.
Инаку, „Еквипмент“ е бренд основан во 1976 година од сопругот на познатата уредничка Карин Ројтфелд, Кристијан. Во текот на 1990-тите згаснува, за потоа да биде повторно лансиран од бизнисменот Серж Азриа во 2010 година.
Оваа соработка беше повод за тимот на британскиот „Телеграф“ да поразговара со моделот.
-Тие парчиња се всушност она што јас го носам секојдневно. Облеката по малку ми наликува на униформа, но така ми е полесно. Во спротивно, ќе морам да размислувам за тоа. Ако одам на работа облекувам црн џинс, маица, кошула и јакна – вели Мос.
Во разговорот се навратија на почетоците на познатиот модел, како и за нејзиното семејство, ќерката...
Кејт се присети на фотографиите од магазинот „Мистик“, кои биле толку совршени, што не им требало никаква графичка обработка:
-А мајка ми отсекогаш ми велеше дека не сум фотогенична. Епа, добро утро! Постојано беше во стилот: „Кејт, дали навистина мислиш дека можеш да бидеш модел?“, а јас ѝ одговорав „Не мислам, но сепак ќе одам да бидам дали имам некаква шанса да излезам од проклетиот Едингтон!“.
Оваа приказна ја потсети на уште една од времето кога беше откриена на американскиот аеродром кога имаше само 14 години.
-Тие ми направија неколку полароиди и ми рекоа: „Имаш осум кастинга низ Лондон“. Мајка ми пак беше со став: „Никогаш повеќе нема да го направам ова. Ако сакаш ова да го правиш, тогаш си сама во приказнава“. Јас бев одлучна: „Добро, ќе бидам!“. И бев. Сега пак ми вели: „Каде е журката?“ (смеа). Сепак, мајка ми е тука секогаш да ме приземји.
Но, не е само мајка ѝ критички настроена. Голем дел од критиките Кејт ги добива и од ќеркичката Лила.
-Мамо, изгледаш смешно, соблечи го тоа. Одвратно е! – знае да ми каже кога ќе го облечам лудиот зелен фустан за „Вог“. Но, најчесто е во право. А некогаш знае да ми каже: „Мамо, изгледаш навистина убаво“, тогаш се разнежнувам многу, затоа што никогаш не вели ништо убаво за мене – вели Кејт.
Тоа што е во 40-тите не ја спречува сѐ уште да има ноќен живот, а вели дека и сака да се дотера.
-Многу ми се допаѓа моментот кога треба да се облечам и дотера. Немам плакар голем како што имаат некои, но имам два – еден во Лондон и еден на село. Вториот е со облека за дотерување, за диско и сцена, а првиот со секојдневни комбинации.
А кога сме кај сцената и дотерувањето, нејзиното појавување во црвениот фустан на Канскиот филмски фестивал предизвика големо внимание. На изненадување на многумина, се работи за винтиџ креација.
-Тоа е една винтиџ продавница во Канада, што случајно ја најдов. Се задржав час и половина таму. А не сакам да го кажам името на продавницата, бидејќи сите потоа ќе одат. Си земав четири фустани.
А за тоа постојат ли парчиња што не би ги носела никогаш повеќе?
-Сите мини-фустани со должина до под задникот.
Ги чува ли за ќерката?
-Не! Таа повеќе сака панталони и комбинезони отколку фустани. Додека да се „подготвам“ ќе ги носи моите чевли – потенцира моделот.