Омилените летни комбинации на нашите познати личности

16 јули 2013

Топлото и сончево време и периодот на летните одмори не инспирираа да ги запрашаме нашите познати личности од шоу-бизнисот, какви изгледи преферираат периодов.  Кој е нивниот омилен стил кога живата во термометарот достигнува над 30 степени, дали приоритет отстапуваат на практичноста и удобноста или можеби доминантни се трендовските комбинации.

ТВ водителот  Жарко Димитриoски овој период задолжително во својот автомобил носи неколку резервни маички.

“Во летниот период во автомобилот секогаш имам по една-две покласични маички, да ми се најдат ако затребаат. Најчесто седат и по десетина дена неискористени, но тука се, на задното седиште, трпеливо чекаат да излезе силното сонце и топлото време да ја направи маичката што сум ја зел од дома зрела за менување”, вели Жарко за fashionel и додава дека oмилени парчиња во неговиот летен изглед се куси панталони, адидас патики, најобични маици и кратки кошули.

“Преку ден задолжително имам и некоја чанта со мене, секако од машките, затоа што постојано со мене носам документи, паричник, таблет... За вечерните излегувања комбинациите се слични, со тоа што ракавите на кошулите најчесто се подолги”, резимира младиот водител.

 

Манекенката Елена Гугоска е практична во изборот на својот летен аутфит. За fashionel таа изјави:

„Го сакам лежерниот стил. За овој период омилени ми се светлите бои, комотните фустанчиња и сандалки, се она што ќе ми ги направи топлите денови удобни. Сето тоа го комбинирам со очила за сонце кои ги имам во повеќе бои и различни модели“.

Истото мислење го дели и харизматичната пејачка Викторија Лоба.

“Кога е облеката во прашање, мојот летен стил е лежерен. Во летните денови задолжително носам шорц и кратки маички, над половина, малку развлечени. Тоа ми е одлична летна комбинација за топлите денови“, вели Лоба.

Познатата тв водителка Лила Филиповска ужива во комбинирањето на тренди, женствени, но сепак удобни летни комбинации.

“Сакам да носам летни фустани со различни должини, во зависност од приликата и амбиентот носам и кратки и долги. Она што ми е особено значајно кога ги избирам фустаните се материјалите од кои се изработени. Секогаш приоритет давам на памучните фустани во кои се чувствувам удобно и кои се истовремено практични и женствени”, вели Лила.

Во палетата на бои таа за оваа сезона ја избира белата, но и цветните дезени  и морските комбинации кои ја потсеќаат на море и плажа.

Младиот инструктор по модерни и класични танци кој покрај другото го познаваме и од шоуто Танц со ѕвездите, Илија Карадакоски секогаш претендира да изгледа средено, но секако истовремено да се чувствува и комотно во комбинациите кои ги одбира.

“Сакам да оставам позитивен впечаток со мојот стајлинг. Се обидувам да бидам уникатен, да комбинирам интересни модни прачиња преку кои ќе оставам специфичен печат. Често во мојот изглед застапени се различни капчиња, качкети и марами со различни дезени”, нагласи Илија кој секогаш може да го видиме во интересно склопени парчиња.

Пејачката и диџеј Фани Христова во секоја летна комбинација ги вклопува и високите потпетици.

Таа за fashionel во однос на својот летен имиџ вели:

„Она што најчесто го носам во лето се куси панталончиња, фармерки во комбинација со разни маички, но задолжително со високи потпетици“.

Водителите Марко Марк и Цеце Трајковска внимаваат нивниот изглед во лето сепак да го носи личен печат.

“Летната сезона е приод кога најчесто комбинирам шорцеви, качкети или шапки, ленени кошули, како и мала практична торбичка”, вели Марко кој секогаш сака да се чувтсвива опуштено кога изгледот е во прашање.

Кај Цеце задолжителен избор се лесните и пријатни материјали.

-Летни фустанчиња со најразлични дезени и бои, шалвари, интересни маички, шапки, очила за сонце, убав тен и се разбира без шминка. Таква сум јас во, за мене најубавото годишно време летото, констатираше Цеце.

Фините материјали и фустаните со различни должини се често застапени и во летниот гардеробер на пејачката Бојана Атанасовска.

„Во летниот период не излегувам од дома без чанта во која има влажни марамчиња и стик. Најчесто во овој дел од годината носам фустани, и со мини и со макси должина. Сакам кога се од природен материјал и со различни принтови“, изјави Бојана.

Според кажувањата на нашите познати личности може слободно да констатираме дека летото е период кога може да си дозволиме опуштеност и лежерност кога нашиот изглед е во прашање, а сепак да го носиме трендовскиот шмек на актуелните бои, дезени и комбинации.

Објавено:
16 јули 2013
Категорија: 
Сцена