Плакарот на Памела Лов-винтиџ приказна со мексикански шарм

4 јули 2014

Знаеме дека четивата за плакарите на познатите личности се една од омилените теми на читателите, па покрај советите за тоа кој е последен тренд на шминка, облека, чевли, модни додатоци, актуелни ѕвездени случувања и интервјуа, денес решивме да ви го откриеме интимниот свет на младата и неверојатно талентирана дизајнерка за накит Памела Лов. Оваа година беше исклучително успешна за оваа млада дизајнерка, ако се земе в предвид наградата за најдобри изработки од кован накит на неодамнешните награди кои ги додели советот на модни дизајнери од Америка (CFDA).

„Навистина беше огромна чест за мене. Веќе три години по ред сум дел од номинираните учесници и оваа година конечно победив. Средствата кој ги добив целосно ќе бидат наменети за проширување на мојот бизнис“, вели Лов.

Памела Лов важи за скромна девојка која својот талент го претвора во вистинска уметност и мајсторство.  Нејзини омилени модни парчиња се дефинитивно винтиџ макси фустаните и моделите кои го носат потписот на модната куќа Мара Хофман.

Љубовта и сончевите утра сe нејзиниот двигател во животот, па затоа дизајните на нејзините омилени модели се во светли бои,  принтови и едноставни кроеви. Моден додаток без кој не може да го замисли нејзиното модно секојдневие се федора шапките, сандалите со платформа и уникатните парчиња накит изработени во необични форми, најчесто од сребро и украсени со полу скапоцени и скапоцени камења.

Откако се закити и со Сваровски наградата за талентиран млад дизајнер, Памела реши нејзиниот дом да го претвори во светилиште. Секој агол, секое катче во себе длабоко го има врежано потписот на готскиот стил и пулсира во духот на западната култура. Свеќите, винтиџ декорот, античките украси, рустикални предмети и мексиканскиот шарм се главните реквизити во најинтимниот свет на дизајнерката.

„Го изгубив татко ми во моите млади години. Тоа беше многу тешко време за мене. Луѓето кои ми значеле во животот и кои сум ги загубила сметам дека треба да имаат свое место не само во моето срце, туку сакам да бидат и околу мене, во мојот дом, затоа поседувам голем број украсни предмети кои некогаш им припаѓале нив и среќна сум поради тоа“, открива дизајнерката.

Џинс парчињата во комбинација со кошули кои се изработени од лесни материјали се нејзина омилена комбинација во која би го поминала денот. Многу сака да презентира поинакви визии во поглед на модните комбинации и затоа секогаш експериментира со новите-стари модели. Според Памела природниот стил е најубавото нешто кое една девојка може да го понесе со себе.

Објавено:
4 јули 2014
Категорија: 
Сцена