Познати по нивниот изглед што секогаш отскокнува од останатите на црвениот килим, Канје Вест, Ријана и Сијара беа главните ѕвезди на вечерта за време на вчерашните премиерни Модни награди на Лос Анџелес, организирани од модното списание „Дејли фронт роу“.
Канје и Сијара ја имаа честа да им ги врачат наградите на овогодишните добитници, додека Ријана ја имаше улогата на специјална гостинка во хотелот „Сансет Тауер“.
Црномурестата пејачка се појави облечена во светкав златно-сребрен капут со крзнена јака, а на црвениот тепих позираше со американскиот дизајнер Џереми Скот, кој ја доби наградата за најдобар дизајнер на женска мода за изминатата година.
Сијара изгледаше прекрасно во монохроматската шик комбинација од бел топ, палто и панталони.
Канје, пак, за вчерашното појавување се одлучи за лежерен изглед составен од бледожолто палто, маичка со кратки ракави и црни тесни пантолони.
Една од највпечатливите ѕвезди на вечерта дефинитивно беше и музичката ѕвезда Кејти Пери која на доделувањето на наградите се појави со виолетово бојадисана коса и во целосно розова комбинација.
Највпечатливото парче дефинитивно беа нејзините розови Адидас влечки, што иако можеби беа тотално модерни и слатки, апсолутно не се споија со целосната комбинација што таа ја круниса со крзнена наметка од едната страна.
Погледнете ја галеријата со фотографии од атмосферата на Модните награди на Лос Анџелес.