Тимот на Прада дефинитивно знае како да нѐ освести по празниците! За нивната нова пролетна кампања тие најмија тројца млади надежи на Холивуд, а на чело на кампањата го поставија единствениот и секогаш сексапилен Итан Хоук.
Кампањата е фотографирана од Крег Мекдин на локации во Њујорк и Лос Анџелес, а во истата момците носат дел од парчињата од нивната нова, одлична машка колекција за претстојната сезона.
На првата фотографија од кампањата ќе го видите новиот миленик на Холивуд кој ги освои срцата на девојките ширум светот со улогата во романтичниот The Fault in Our Stars, прекрасниот Ансел Елгорт. Младиот актер носи урбани фармерки и кошула во сина боја, комбинирани со стилско плетено елече, додека лупи мандарина.
Неговиот британски колега Џек О’ Конел кој е главна ѕвезда во новиот филм на Анџелина Џоли Unbroken, во кампањата изгледа неверојатно секси во топла ролка, исклучително шик сиви панталони и црна волуменозна чанта како моден додаток на целиот изглед.
Ѕвездата на филмот Divergent, Мајлс Телер изгледа подеднакво секси како и неговите колеги во совршено скроено палто и сина кошула, додека си игра со пенкалото и си пишува пораки на рака.
Како јагода на шлагот, тимот на Прада ни го носи феноменалниот Итан Хоук кој со текот на годините дефинитивно станува сѐ пошармантен. Дизајнерите на брендот за актерот одбраа совршен костим во темно сива боја и истиот го комбинираа со бела кошула и црна вратоврска.
Одличната кампања на Прада веќе од следниот месец ќе се најде во голем број магазини ширум светот, а според многумина, истата ќе биде полн погодок благодарение на внимателно одбраните момци.
Кој од нив ви се допаѓа најмногу?