Вера Ванг е една од најпознаните дизајнерки на венчаници, со свои ексклузивни продавници низ целиот свет.
Но, за разлика од повеќето дизајнери кои својата креаторска кариера ја почнуваат уште во тинејџерските години, Вера Ванг почнала да креира венчаници во нејзините 40-ти години и всушност тогаш го започнува својот бизнис по кој сега ја препознава цел свет.
Всушност, во својата младост Вера серизоно се занимавала со скејтерство. Во 1968 и 1969 година, Вера и нејзиниот партнер дури биле и национални шампиони на Америка.
Дипломирала Историја на уметност на Sarah Lawrence College и непосредно по завршувањето на студиите, се вработила во Вог. Всушност од тогаш и започнува нејзината кариера во модниот свет. Во Вог успеала да стигне до позицијата моден уредник кога имала само 23 години, што ја позиционира како најмлад уредник во магазинот. Таму останала цели 17 години, по што својата кариера ја продолжува како дизајнер на аксесоари во Ралф Лорен.
Пресвртот во нејзината кариера се случува во 1989 година, кога Вера имала 40 години. Кога ја планирала својата венчавка, таа не била задоволна од изборот на венчаници, па решила сама да ја скицира и да ја дизајнира својата венчаница. Тогаш дошла на идеја да отвори свој бутик специјализиран за венчаници. Во 1990 година, Вера го отворила својот прв бутик во Њујорк, во хотелот „Carlyle".
Петнаесет години подоцна, таа веќе имала свои ексклузивни бутици низ цел свет, вклучувајќи ги и Јужна Кореја и Австралија.
Нејзини венчаници носеле бројни познати имиња како Иванка Трамп, Викторија Бекам, Аврил Лавињ, Мараја Кери, Хилари Даф...